Французинот, од алжирско потекло, Сид Ахмад Глам, кој се наоѓа на издржување на затворска казна, планирал терористички атентати во Париз, пред се, во базиликата „Сакр Кер“, една од најголемите катедрали на Монмартр, како и во железницата или во париското метро, информира денеска францускиот весник „Фигаро“.
Весникот успеал да дојде до материјали од истрагата за случајот, добиени од податоците во компјутерот на екстремистот, пренесе ТАСС.
Според францускиот весник, 24-годишниот Глам не дејствувал сам, туку „оддржувал врски со цела терористичка мрежа“. Наредби добивал од засега неутврдено лице, кое се наоѓало во Ирак или во Сирија. Весникот ги цитира инструкциите за изведување на атентати во црква, испратени од ова непознато лице до Глам.
Во својот одговор исламистот го информирал дека во Париз и околината е тешко да се најде црква од каде еден атентатор лесно би успеал да избега по нападот, „бидејќи сите тие се во центарот на градот и блиску до полициски или жандармериски станици“.
Подготвувајќи се за изведување атентат во транспортниот систем, Глам го уверувал својот наредбодавец дека ќе убие „најмалку 150 неверници“. Со својот „наставник“ тој ја разледувал и можноста за снимање на атентатите, за потоа снимките да бидат искористени за пропаганда на групата Исламска држава.
Во врска со евентуалниот атентат во „Сакр Кер“, Глам добил инструкции како да најде шеми за изработка на експлозивни напарви и како да купи блинска боца.
Сид Ахмед Глам беше приведен во април годинава, сосема случајно по сигнал до полицијата од службата за итна помош, која самиот ја повикал поради силно крварење. Имено, самиот се ранил при невнимателно ракување со оружје. Во неговиот стан и во украдениот автомобил, што го користел, полицијата откри четири автомати „Калашњиков“, муниција за нив, два пиштола, панцири и исламистичка литература.
Истрагата особено се сомнева дека Глам подготвувал атентат во некоја од црквите во градот Вилжиф, крај Париз, и дека таму убил жена, која веројатно била очевидец на овие подготовки, додаде ТАСС.