ФБИ: Откриени нови сомнителни пакети упатени на конгресменка

Од:

Откриени се два нови сомнителни пакети адресирани до претставничката на Демократската партија од Калифорнија во Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Максин Вотерс, потврди американското Федерално истражно биро (ФБИ).

Пакетите имаат слични карактеристики како и претходно откриените пет други, со експлозивни направи испратени на адреса на политичари и медиуми.

Федералните власти, преку соопштение на Твитер, објавија дека едниот пакет е откриен во складиште во Лос Анџелес, откако претходно Вотерс информирала дека во нејзината канцеларија во Вашингтон е испратен сомнителен пакет.

Полициски службеник изјави дека пакетите-бомби кои се откриени во текот на вчерашниот ден содржеле прав и скршено стакло во цевка од ПВЦ материјал долга околу 15 сантиметри облепени со црна лента. Во нив имало и мала батерија како за часовник. Полицаецот не наведува дали правта била експлозивна.

Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека во Америка нема место за закани со политичко насилство. Тој притоа вети целосна истрага за сомнителните пакети испратени на познати политички личности во САД.

– Целата сила на нашата Влада ќе биде искористена за оваа истрага и за изведување на одговорните пред лицето на правдата. Нема да штедиме на ресурси и трошоци, рече Трамп.

Тој им порача на Американците дека „сега е време кога мора да се обединиме“.

Првата дама на САД, Мерланија Трамп порача дека ги осудува „сите облици на закана и насилство“ и се заблагодари на безбедносните служби за „херојските напори“.

Вчера сомнителни пакети, некои од нив и со бомби, беа испратени на семејството Клинтон, на поранешниот американски претседател Барак Обама, во седиштето на Си-Ен-Ен, компанијата „Тајм ворнер“, како и на многу други, пред се противници на Трамп. Два дена претходно слични пратки беа испратени и на милијардерот Џорџ Сорос.

Во инцидентите, никој не е повреден.

Засега никој не презеде одговорност за испраќањето на сомнителните пакети, но извори блиски до сојузната полиција сметаат дека тоа би можело да биде „координирана акција“.

Пакетите се испратени во пресрет на кампањата пред парламентарните избори закажани за 6 ноември во САД, на кои Демократската партија се надева дека ќе освои мнозинство во двата дома на Конгресот, со што ќе може да и парира на администрацијата на Трамп.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија