Светските фармацевтски компании немаат интерес да вложуваат во вакцини и да бараат лек за ебола, затоа што од таа болест најмногу умираат Африканци, тврди угледен британски медицински експерт.
Професорот Џон Ештон, претседател на британскиот Факултет за јавно здравје, истакнува дека лекот против ебола не се пронаоѓа, бидејќи оваа болест ги погодува малцинствата кои немаат моќ, пренесува „Индпендент“.
Ештон потсети дека ангажманот за откривање терапија за СИДА се зголемил дури откако болеста почна да ги погодува западните земји.
Од најновото избивање на ебола во Гвинеја, Сиера Леоне, Нигерија и Либерија, најголемо досега, починаа засега 729 лица, додека пријавени се 1.329 случаи.
Во денешниот текст во „Индипендент“, Ештон вели дека „мора да се реагира на таа ситуација, исто како да настапила во Кенсингтон, Челси или Вестминстер“.
Тој истакнува и тоа дека светот мора да се позанимава и со „скандалозната ненаклонетост“ на фармацевтската индустрија да инвестира во развивање лекови и вакцини за болести кои, според неа погодуваат многу малку луѓе па не ги оправдуваат вложувањата.