ЕУ сака да ги поттикне земјите членки да праќаат оружје во Украина

Од:

На иницијатива на шефот на ЕУ дипломатијата, Жозеп Борел, министрите вечерва треба да дадат зелено светло за првпат Европскиот фонд за мир да се користи за испраќање оружје во Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Украина побара и голем број земји членки веќе прифатија, но Европската унија сака тоа да се формализира и да добие европска финансиска поддршка. Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Борел веќе најави денеска дека на министрите за надворешни работи на ЕУ вечерва на вонреден состанок ќе им предложи измена на Европскиот фонд за мир (ЕПФ).

До сега овој фонд се користел само за испраќање несмртоносна опрема во воени подрачја, но за првпат во Украина ЕУ се надева тој да стане начин побрзо да стигне оружјето во оваа земја, која пред една недела беше нападната од соседна Русија.

Мерката би била исто така ретроактивна, со што земјите членки на ЕУ кои веќе испратиле смртоносна опрема во Украина ќе ги добијат парите назад преку европскиот фонд, и пред сѐ, целта на ЕУ е да ги поттикне европските членки да и помогнат воено на Украина, велат во Брисел.

Доколку биде усвоен овој предлог на Борел средствата ќе изнесуваат околу 5 милијарди евра за сегашната повеќегодишна буџетска рамка на ЕУ, но со флексибилност.

Меѓутоа, некои земји на ЕУ држат до нивната неутралност, а за да се усвои предлогот потребна е едногласност. За овие земји останува опцијата да испраќаат само несмртоносна опрема, со што би можеле да го поддржат предлогот без да ја нарушат својата неутрална позиција.

Ова ќе биде меѓу првите теми на разговор на министрите за надворешни на ЕУ кои се состануваат преку видео врска вечерва во 18 часот.

Министрите исто така ќе разговараат за сегашни и нови санкции против Русија.

Конечно тие ќе разговараат и за тоа како дополнително да се изолира Русија на меѓународната сцена.

Европската унија е охрабрена од воздржаноста на Кина во Советот за безбедност на Обединетите нации. Целта на европските партнери е Русија да остане сосема сама на меѓународната сцена сѐ додека трае агресијата врз Украина, ова се однесува на сите меѓународни организации – политички, културни, спортски, итн. Динамиката е веќе започната во бројни организации на Советот на Европа или ОЕЦД.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Зеленски: Распоредувањето на европскиот контингент не може да биде единствената безбедносна гаранција

Сибиха: Забраната за директни преговори со Путин останува на сила

Ќе треба многу време за да се постигне мирно решение во Украина

Горан Наумовски

ВИДЕО: Енергетскиот сектор во западна Украина настрада во рускиот напад, објавени првите снимки

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Голем руски напад на Украина: експлозии во Харков, узбуна и во Полска

Катерина Ѓуровски

Енергетски објекти во Русија денеска беа нападнати од Украина