Европската Унија дала предлог Британците, кои живеат на нејзина територија, по Брегзит да имаат право на престој само во земјата на престој во моментот на напуштањето на Велика Британија на ЕУ, се наведува во писмото на британскиот министер за Брегзит, Дејвид Дејвис, цитирано од британските медиуми.
Идните права на британските државјани кои живеат во ЕУ и на граѓаните на ЕУ кои живеат на територијата на Велика Британија се едно од прашањата, кои ЕУ сака да ги уреди во првата етапа од преговорите и дури потоа да се премине кон идните трговски односи.
Во писмото до комисија од Горниот дом на британскиот Парламент, во кое информира за текот на преговорите, Дејвис соопштува дека ЕУ предлага само ограничени права за престојување на Британците.
„Тие предлагаат само гаранции за правото на престојување во земјата членка, во која престојувал британскиот државјанин во моментот на нашето излегување од ЕУ. Не му се гарантира никакво право за движење во ЕУ, на пример за работа или селење во соседна земја членка“, соопшти Дејвис.
„Кога ќе дојде потребниот момент ова прашање ќе биде предмет на дополнителни договарања“, уверува британскиот министер за Брегзит.