Вилнус се потешко успева да ја одбрани границата со Белорусија и поради тоа бројот на мигранти кои преминуваат во Литванија може да биде над 10.000 до крајот на летото.
Со такви предупредувања литванскиот министер за надворешни работи апелираше до Европската унија да ги засили мерките за да се запре со нелегалните преминувања на границата.
Поради растечката мигрантска криза, Литванија побара од ЕУ да свика вонреден состанок на министрите за внатрешни работи на 18 август.
Одмаздата на Лукашенко за санкциите на ЕУ против Белорусија, наметната откако го принуди авионот на ирската компанија „Рајанер“ да слета во Минск со цел да го уапси новинарот Роман Проташевич, дава застрашувачки резултати. Досега, повеќе од 4.000 мигранти, претежно од Ирак, кои пристигнуваат во Киев со авион, преминале во Литванија, членка на ЕУ и НАТО, која има помалку од три милиони жители.
Само минатата недела, на денот кога еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон пристигна во Вилнус, регистрирани се 287 премини на мигранти – трипати повеќе од минатата година.
„Ова е провокација на режимот на Лукашенко. Мораме да покажеме дека нема слободен пристап до територијата на ЕУ“, рече Јохансон.
Загрижената еврокомесарка и вети на Литванија дека нема да остане сама и дека Брисел ќе издвои дополнителни 20-30 милиони евра од буџетот за финансирање на системот за заштита на границите. Неможејќи целосно да ја контролира границата со Белорусија долга 679 километри, литванската влада и нареди на граничната служба да спречи мигрантите насилно да влезат во балтичката земја, доколку е потребно.
Во средата, белорускиот амбасадор во Брисел беше повикан од Европската комисија за објаснување. Првиот дипломат на ЕУ Жозеп Борел и други официјални претставници на ЕУ се во преговори со ирачката влада за да се најде решение, вклучително и прекин на летовите со мигранти од Багдад до Минск.
Белорусија распореди дополнително опремени мобилни тактички резервни сили на погранични сили долж дел од границата со Литванија, изјави портпаролот на белоруската државна гранична комисија, Антон Бичковски.
Додека владата на Литванија планира да изгради ограда, која се проценува дека чини повеќе од 100 милиони евра, Белорусија не само што го зголемува бројот на летови од Багдад до Минск, туку бара и нови „пазари“ од каде мигрантите преку белоруска територија би преминувале во ЕУ.
Министерот за надворешни работи на Литванија, Ландсбергис, за порталот „Политико“ посочува дека има информации дека режимот на Лукашенко преговара и со Пакистан за визна либерализација, а бројот на летови од Исламабад веќе се зголемува.
„Тоа не е единствениот случај. Знаеме дека тој им приоѓа на владите во Западна и Северна Африка со цел да отвори нови авионски линии за пристигнување мигранти“, вели министерот за надворешни работи на Литванија.
Подигнувањето на физички бариери на границата за да се спречи неконтролираниот влез на мигранти го поддржува и еврокомесарката Јохансон, која вели дека „во ситуација со која се соочува Литванија, тоа би можело да биде добра идеја“. Меѓутоа, портпаролот на ЕУ го отфрли повикот на Литванија до Брисел да издвои пари за таков проект, нагласувајќи дека „Европската комисија не финансира такви огради“.