Европската Комисија следната недела ќе усвои контрамерки како одговор на американските царини за увоз на алуминиум и челик, додека одговорот за воведувањето царини за автомобили и за реципрочните царини од 20 отсто за голем број производи ќе следи по анализа и консултации со земјите-членки.
Од 12 март, на сила стапува одлуката за воведување царини од 25 отсто за увоз на алуминиум и челик во САД од целиот свет, а од 3 април и 25 отсто за сите автомобили и автоделови кои не се произведени во САД.
На 2 април американскиот претседател Доналд Трамп објави трговска војна на целата планета и најави реципрочни царини, минимум 10 отсто за сите, а уште повисоки царини за околу 60 земји, кои ќе стапат на сила од среда, на 9 април. Тој воведе царини од 20 отсто за Европската Унија и 34 отсто за Кина.
Останува нејасно дали најавените тарифи ќе останат трајни или се дел од тактиката за добивање отстапки. Трамп рече дека царините ќе му дадат „голема преговарачка моќ“.
До средината на минатата недела, Комисијата се консултираше со земјите-членки за контрамерки на американските царини за челик и алуминиум и се очекува одлуката да биде донесена во среда и да стапи на сила на 15 април.
Одлуката се носи по предлог на Комисијата во рамките на комитолошката процедура, што во пракса значи дека Комисијата може да донесе одлука доколку на неа не се спротивстави квалификувано мнозинство (55 отсто од земјите-членки кои претставуваат најмалку 65 отсто од вкупното население на ЕУ). Во случај да нема квалификувано мнозинство ниту за ниту против предлогот, па Комисијата може самостојно да донесе одлука.
Комисијата објави пропорционален одговор до 26 милијарди евра, што одговара на економскиот опсег на американските царини.
Во однос на контрамерките на американските царини за автомобили и автоделови и за реципрочните царини од 20 проценти, Комисијата посочува дека нема да избрзува, дека сака се детално да анализира.
Комисијата го заснова својот пристап на три елементи: преговори, контрамерки и трговска диверзификација.
„По одлуката на американската администрација да воведе сеопфатни царини за стоки од Европската Унија, ЕУ ќе одговори смирено, внимателно и постепено и пред сè единствено, додека ние го калибрираме нашиот одговор. Нема да пукаме на почетокот, сакаме да им дадеме на преговорите секоја шанса да се најде фер договор, во корист на двете страни“, рече комесарот за трговија Марош Шефчовиќ.
Комисијата не сака да каже какви мерки би можела да преземе и нагласува дека „се е на маса“.
Според првите проценки на Комисијата, реципрочните царини од 20 отсто се однесуваат на околу 290 милијарди евра европски извоз во САД, што на Американците би им донело приход од 58 милијарди евра.
На автомобили и автоделови што ЕУ ги извезува во вредност од околу 66 милијарди евра, приходот од царина од 25 отсто би изнесувал 16,5 милијарди евра, додека на извозот на алуминиум и челик во износ од 26 милијарди евра, царинскиот приход би изнесувал 6,5 милијарди евра.
Севкупно, дополнителните американски царини се однесуваат на стоки во вредност од околу 380 милијарди евра, што е околу 70 отсто од целиот извоз од ЕУ во САД. Со ова Соединетите Американски Држави би оствариле царински приход од 81 милијарда евра годишно, наместо досегашните 7 милијарди. Но, сумата од околу 80 милијарди можеше да се достигне само под услов обемот на трговската размена да остане иста, што не е логично да се очекува бидејќи со царинските бариери обемот на трговската размена се намалува.
Комисијата има ексклузивна јурисдикција над надворешната трговија и земјите-членки не можат директно да преговараат со администрацијата на Трамп. Во исто време, мора да се внимава рамномерно да се распредели товарот на контрамерките што има намера да ги воведе меѓу членките, бидејќи не сите членки се подеднакво зависни од трговијата со американскиот пазар.