Министрите за надворешни работи на ЕУ се собраа денеска во Брисел за да се обидат да договорат заедничка позиција за безбедносната криза и како да ја спречат Русија од инвазија врз Украина.
– Ситуацијата е многу тензична и тешко е да се предвиди исходот, изјави хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман.
Тој истакна дека треба да се обезбеди простор за дипломатија и дијалог за да се најде решение за безбедносната криза во Европа, најавувајќи дека ќе поднесе извештај пред колегите за неговата посета на Москва минатата недела.
Грлиќ Радман додаде и дека ќе ги информира колегите за состојбата во Босна и Херцеговина, каде што се водат преговори за реформа на изборното законодавство, кои сега се во критична фаза.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе им се придружи на министрите за надворешни работи на ЕУ преку видео врска.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел нагласи дека ЕУ нема да ги следи САД, кои најавија дека ќе ги повлечат семејствата на своите дипломати од Украина.
– Мислам дека нема потреба да драматизираме додека траат преговорите, а тие продолжуваат. Сметам дека не треба да ја напуштиме Украина и да заминеме. Но, можеби државниот секретар Блинкен има повеќе информации да сподели со нас, рече Борел.
Европската унија најавува подготвеност да воведе строги економски и финансиски санкции кон Русија доколку ја нападне Украина, а Комисијата подготви серија предлози.
Борел потенцира дека министрите за надворешни работи денеска нема да донесат никакви одлуки за санкции.
– Процесот на одлучување за санкции е многу сложен. За нив одлучува Советот на предлог на високиот претставник или некоја земја-членка. ЕУ сака да работи во тесна координација со нашите сојузници, пред сè со САД, но и со Канада и Велика Британија, истакна Борел.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок рече дека нејзината земја е подготвена да и помогне на Украина економски и финансиски.
– Ние сме на украинска страна. Подготвени сме да помогнеме финансиски и економски, изјави Баербок.
Данскиот министер за надворешни работи Јепе Кофолд додаде дека Унијата е подготвена да воведе досега „невидени санкции“ против Русија доколку таа ја нападне Украина.
– Несомнено сме подготвени да одговориме со сеопфатни, досега невидени санкции доколку Русија ја нападне Украина, рече Кофолд.
Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн рече дека ЕУ треба да стори сé што е можно за да избегне војна.
Шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг изјави дека сите опции треба да бидат ставени на маса во врска со санкциите против Русија доколку таа одлучи да нападне, но изрази резервираност околу можните санкции против гасоводот Северен тек 2, кој директно ја поврзува Русија со Германија под Балтичкото Море.
Литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис истакна дека потребно е да се воведат остри санкции, бидејќи ако се толерантни, тогаш нема да успеат во спречување на рускиот напад.
На прашањето што би била црвената линија за ЕУ и Западот која Русија не треба да ја премине, Ландсбергис рече дека тоа е преминувањето на украинската граница, но и мешањето во нејзините внатрешни работи.