ЕУ побара од Комисија на ОН да изврши верификација на наодите на САД за тоа дека безбедносните сили на претседателот Башар ал Асад во борбите во Сирија употребиле и хемиско оружје.
Претходно, официјален Лондон, а потоа и Париз, тврдеа дека имаат „сигурни сознанија“ за употребата на хемиско оружје против сириските бунтовници. Врз основа на тие тврдења, Велика Британија и Франција успеаја да изнудат укинување на ембаргото на ЕУ за оружје за сириските бунтовнци.
САД долго време не ги прифаќаа откритијата на Британците и Французите, тврдејќи дека нема сигурни докази за употреба на гасот „сарин“ во борбите кај Алепо. Сега меѓутоа, официјален Вашингтон попушти, па повикувајќи се на „сигурни разузнавачки сознанија“ го обвини „режимот на Асад„ за користење хемиско оружје.
Веднаш потоа Белата куќа соопшти дека ќе дозволи испорака на оружје за бунтовничките сили, што беше поздравено во Лондон и Париз како мерка која ќе го натера Асад да седне на преговарачка маса и да прифати мирно, а не воено решение. Европски дипломати тврдат дека „најверојатно“ Советот за безбедност на ОН ќе прифати создавање зона за забранети летови над Сирија, мерка слична на онаа што во 2011 година беше применета во Либија пред да се изврши меѓународната воена интервенција.
Официјален Вашингтон се согласи дека Асад ја минал „црвената линија“ во војната и затоа бунтовниците ќе добиваат американско оружје, но засега е резервиран за создавањето зона за забранети летови како во Либија, или претходно во Ирак против режимот на Садам Хусеин.
Комисија на ОН на која сега се повикува ЕУ, претходно соопшти дека во Сирија „веројатно се употребени некои хемиски супстанци“ во борбите, но не можеше да утврди кои се тие па вината за користење на забранетото оружје ја префрли на двете завојувани страни.
Русија го обвини Вашингтон за одлуката да ги снабдува бунтовниците со оружје, оценувајќи го тоа како мерка која ги намалува шансите за мирно решение, додека Кина побара потврда за тврдењето дека Асад употребил хемиско оружје во Сирија.