Меѓународни експерти, врз основа на видеоснимки и последиците од вчерашната голема експлозија во главниот град на Либан, Бејрут, укажуваат дека комбинацијата на пиротехника и амониум нитрат била причина за катастрофата.
Но, амониум нитратот, хемиско соединение што се користи како вештачко ѓубриво, но и како компонента на експлозивот, вообичаено не се активира сам од себе, а според експертите најверојатно се запалило од пожарот предизвикан во соседниот магацин со пиротехника.
На видеоснимките во првите моменти од катастрофата се гледааат искри, светлина и чад, што укажува на активирање на пиротехничките средства, велат познавачите.
Експертите можат да ја проценат силата на експлозијата мереќи го кратерот што остана по експлозијата. Судејќи според големината на кратерот и обемот на штета ширум Бејрут, интензитетот на експлозијата е еквивалент на детонација на околу 2,2 килотони експлозив ТНТ.
Но, се уште не познато што го предизвикало пожарот. Пред експлозијата во Бејрут беше сончево, со вообичаена температура од 30 степени, па е исклучено дека до пожарот можело да дојде од краток спој предизвикан од временските прилики или од удар на гром .
Либанскиот министер за внатрешни работи Мухамед Фахми во својата изјава за локалните медиуми не спомна запалена пиротехника, но истакна дека експлозијата е предизвикана со детонација на повеќе од 2.700 тони амониум нитрат, складиран во пристаништето откако беше конфискуван од товарен брод во 2014 година.
Разорната експлозија потсетува на експлозиите на амониум нитрат во бомбашкиот напад во Оклахома Сити во 1995 и на бродот „Тексас Сити“ во 1947 година, велат експертите.