Европската комисија денеска даде поддршка за воведувањето мобилни апликации за следење на населението во рамките на борбата против коронавирусот, но потсетува дека тие апликации мора да ги почитуваат правилата на приватност на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
Воведувањето на дигитални апликации за следење на населението ќе мора да бидат дел од мерките кои ќе овозможат постепено укинување на изолацијата во европските земји, согласни се земјите членки на ЕУ и Европската комисија. Но, Европската унија е и регион со највисок степен на заштита на личните податоци благодарение на Регулативата ГДПР од 2016.
Апликациите што ќе се користат ќе треба да бидат на доброволна основа, но за да бидат ефикасни, потребно е што повеќе луѓе да ги користат.
-Апликациите за следење на контактите за да се ограничи ширењето на коронавирусот може да бидат многу корисни, меѓутоа, предуслов е да има силни гаранции за приватноста при користењето на овие апликации. Иако треба да бидеме иновативни и да ја искористиме технологијата на најдобар можен начин, нема да правиме компромис со нашите вредност и барања за приватност, рече комесарот за внатрешниот пазар, Тиери Бретон.
Европската комисија предупредува дека секое дигитално решение за излез од мерките на изолација треба да биде во согласност со правото на ЕУ и регулативата за заштита на личните податоци, како и да се носат во согласност со националните здравствени власти на земјата.
Апликациите треба да се инсталираат на доброволна база и ќе треба да бидат укинати штом престанат да бидат потребни, вели ЕК.
Најверојатно, според Комисијата, овие решенија ќе треба да ја користат Блутут технологијата и да бидат минимално инвазивни во однос на локацијата на корисниците.
Секако, потребно е податоците кои се користат да бидат анонимизирани и да бидат интероперабилни во сите земји на ЕУ, односно да можат да се користат и преку границите на една земја.