Бројот на лицата убиени во нападите на милитантите минатата година скокнал за речиси 60 отсто, на рекордните 18.000 ширум светот, соопшти денеска во извештајот за Глобалниот индекс за тероризам австралискиот Институт за економија и мир (ИЕП).
Четири исламистички групи кои оперираат во Сирија, Авганистан, Пакистан и Нигерија се одговорни за две третини од нападите во светот и за големо мнозинство од убиените, се наведува во извештајот.
Постојат стравувања дека податоците за 2014. година можат да бидат уште полоши поради ескалацијата на насилство на Блискиот исток и во Нигерија.
Четирите најактивни милитантни групи се Исламска држава во Ирак и Левантот (во меѓувреме преименувана во Исламска држава), нигерискиот Боко Харам, пакистанските и авганистанските талибанци, како и меѓународната мрежа Ал Каеда.
– Нема сомненние дека е ова голем проблем. Причините се комплексни, но сите четири групи имаат корени во радикалниот ислам, изјави основачот на ИЕП, Стив Килеле.
„Тие се особено гневни поради ширењето на западното образование. Затоа е особено тежок секој обид за општествена мобилизација за нивно запирање – тоа само уште повеќе ги разлутува“, додаје Килеле.
Петте најпогодени земји се Ирак, Авганистан, Пакистан, Нигерија и Сирија.
Во Европа најпогодена е Русија, која се наоѓа на 11-то место во светот, а следат Велика Британија (27 место) и Грција која е 32-ра.
Бројот на убиени во 2013 година бил за 60, а бројот на напади за 44 отсто поголем отколку претходната година. Бројот на смрттни случаи во таквите напади сега е пет пати поголем отколку во 2000 година. Повеќето напади, но не и сите, се верски мотивирани.
Извештајот на ИЕП покажува дека во 60 отсто напади е користен експлозив, во 20 отсто огнено оружје, а во десет отсто станувало збор за напади со ладно оружје или за подметнување пожар. Само пет отсто од сите напади биле самоубиствени.
Индексот на ИЕП се објавува од 2012 гоидна и користи податоци од Глобалната терористичка датотека на американскиот универзитет Мeриленд, а од 2000 година го истражува развојот на терористичките напади во 162 земји од светот.