Еболата може да предизвика огромна трагедија ако се прошири во Нигерија или Индија

Од:

Белгискиот научник Петер Пиот, кој во 1976 година го откри вирусот на ебола, стравува од неверојатна трагедија во врска со епидемијата на оваа болест, која од почетокот на годинава се прошири во неколку западноафрикански земји.

Според Пиот, многу е лошо што еболата зафатила и големи населени места како што се Монровија и Фритаун, но доколку се прошири во Нигерија или Индија тогаш ќе биде неверојатна катастрофа.

– Дали ја загубивме контролата врз оваа епидемија? Јас секогаш сум бил оптимист и мислам дека сега немаме друг избор освен да се обидеме буквално се. Добро е што САД и некои други земји на крајот почнаа да помагаат. Но Германија и Белгија треба на пример да направат многу повеќе. На сите треба да им е јасно дека ова веќе не е едноставна епидемија. Ова е хуманитарна катастрофа, истакна пронаоѓачот на смртоносниот вирус.

Тој објаснува дека во градови како Монровија, каде дури и такси возилата се заразени, жителите треба да бидат обучени како да се грижат за заболен од ебола, а истовремено да внимаваат на заразата. Пиот одобрува дури и мерки како оние во Сиера Леоне, каде три дена им беше забрането на луѓето да излегуваат од своите домови.

Запрашан дали станува збор за почеток на пандемија, белгискиот научник истакнува дека сигурно ќе има пациенти од Африка кои ќе дојдат во Европа со надеж за лекување.

– Тие можат да заразат некого во Европа, кој може да почине. Но евентуално жариште во Европа или Северна Америка може брзо да биде ставено под контрола. Поголема вознемиреност будат Индијците, кои работат во трговијата и индустријата во Африка. Ако некои од овие индиски државјани се зарази, а потоа замине дома и се лекува во индиска болница, каде лекарите и медицинскиот персонал не носат ракавици, тогаш вирусот може да се прошири, објасни Пиот.

Според него, исклучително неверојатно е смртоносниот вирус веднаш да мутира и да започне да се шири преку воздух. Но може да дојде до мутирање, дозволувајќи им на болните да живеат неколку недели подолго и тоа ќе биде од корист за самиот вирус, што ќе овозможи тие да заразат многу повеќе луѓе, отколку сега.

Експертот изрази надеж дека лековите, кои моментно се испитуваат, ќе бидат достапни за сите во случај на поголема епидемија. Тој изјави дека болните можат брзо да се лекуваат со крвен серум на преживеани од ебола.

Би можело да ве интересира

Во два региона на Уганда воведен карантин поради епидемија од ебола

Во Уганда 29 лица починаа од ебола, меѓу нив и здравствени работници

Катерина Ѓуровски

Во Уганда 16 лица заразени со ебола од почетокот на епидемијата

Ана Ололовска

Во Уганда прогласена епидемија на ебола, почина 24-годишен маж

Ана Ололовска

СЗО: Втората епидемија на ебола годинава во Демократска Република Конго прогласена за завршена

А1он

Тедрос: Гвинеја ја победи еболата, утре очекувам крај на епидемијата

Жарко Настоски