Во бразилскиот град Форталеза денеска започнува дводневна средба на шефовите на држави или влади на челнките од групата БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка).
Тоа е шеста средба на врвот на државите од организацијата, кои заземаат 26 проценти од површината на Земјата и претставуваат речиси половина од светското население.
Во фокусот на средбата е создавањето Банка за развој и Фондот со вкупни монетарни резерви како паралелни структури на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Бразилскиот претседател Дилма Русеф е домаќин на форумот, на кој присуствува рускиот претседател Владимир Путин, кинескиот претседател Си Џинпинг, претседателот на Јужна Африка Џејкоб Зума и премиерот на Индија Нарендра Моди.
Лидерите на БРИКС утре ќе се сретнат со шефовите на држави или влади од Јужна Америка во главниот град на Бразил.
Земјите од БРИКС работат на стратегија за економска соработка и планираат да ја зајакнат соработката и конкурентната способност на светскиот пазар, изјави претходно Путин во интервју за ИТАР ТАСС.