Еден полицаец и 10-годишно момче се убиени, а 27 лица се повредени во напад на бунтовниците од Вооружените револуционерни сили на Колумбија (ФАРК) во јужниот дел на земјата, соопштија денеска локалните власти.
Бунтовниците фрлиле граната, а потоа отвориле оган врз полицајците, пожарникарите и цивилите кои помагале во гаснење на пожарот што избувнал во една куќа во градот Мирафлорес, рече градоначалникот Хулио Цезар Гонзалес.
Според неговите зборови, повеќето од повредените се деца, некои од нив се во критична состојба, пренесе АФП.
Градоначалникот изјави дека полицијата, со воздушна поддршка од армијата, го одбила нападот на бунтовниците.
Инцидентот се случи во време кога претставниците на владата во Богота и ФАРК водат мировни преговори во Хавана, за ставање крај на повеќедеценискиот вооружен бунт во кој се убиени десетици илјади луѓе.