Директор на хуманитарна организација осуден на 12 години поради помагање на Хамас

Од:

Израелски суд денеска го осуди директорот на голема меѓународна добротворна организација за Појасот Газа на 12 години затвор поради насочување на милиони долари помош за исламската екстремистичка организација Хамас.

Окружниот суд во Бершева на југот на Израел одлучи дека Мухамед ал Халаби, кој беше во затвор претходните шест години, колку што траеше судењето, ќе биде во затвор уште толку долго.

Пресудата доаѓа откако Халаби беше прогласен за виновен во јуни поради испраќање не само пари, туку и тони челик на Хамас, кој управува со Појасот Газа.

Халаби, кој беше уапсен во јуни 2016 година, а обвинет во август истата година, постојано негираше дека имало некакви неправилности. Ова, денеска по изрекувањето на пресудата, го повтори неговиот адвокат.

– Тој вели дека е невин, ништо не направил и нема докази. Напротив, без разумно сомневање му докажа на судот дека се погрижил парите да не му бидат дадени директно на Хамас, рече адвокатот Махер Хана и најави дека ќе поднесе жалба до Врховниот суд.

Халаби е обвинет за членство во, како што се наведува, терористичката организација Хамас, финансирање терористички активности и пренесување информации на непријателот и поседување оружје.

Голем дел од доказите против него се чуваат во тајност, а Израел наведува „безбедносна загриженост“, што ја натера одбраната да ја доведе во прашање легитимноста на пресудата.

По апсењето на Халаби, владата на Австралија, голем донатор на организацијата World Vision за која работеше Халаби, објави дека го замрзнува финансирањето на проекти во Појасот Газа. Подоцнежната истрага на владата не откри докази за проневера.

Седиштето на христијанската добротворна организација World Vision е во САД. Вработува речиси 40.000 луѓе ширум светот и тврди дека е една од најголемите невладини организации во светот, со посебен фокус на помагање на децата.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Најмалку 47 лица загинаа, а 22 се ранети во израелски напад врз Балбек-Хермел во Либан

Израел и Хезболах продолжуваат да се борат и покрај преговорите

Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Нетанјаху

Сирија: Израел изврши воздушен напад врз областа на античкиот град Палмира

Хезболах: Од САД пристигна предлог за прекин на огнот, продолжувањето на преговорите зависи од Израел

Хамас: Нема да има договор за заложниците додека не заврши војната во Појасот Газа