Северноатлантската алијанса подготвува сеопфатен систем за дигитален надзор за источното крило, во чие срце ќе биде воената платформа за вештачка интелигенција „Мејвен“ од американската компанија „Палантир“, дизајнирана да го следи движењето на руските сили и да го забрза донесувањето одлуки во случај на криза или конфликт.
Системот „Мејвен смарт” неодамна достигна целосен технички оперативен капацитет и ќе се управува од седиштето на Сојузничката команда за операции во Монс, Белгија. Платформата ги комбинира податоците обезбедени од земјите-членки на НАТО и користи вештачка интелигенција за да создаде единствена слика за настаните на терен.
Според британскиот „Тајмс“, системот ќе овозможи следење на позицијата и движењето на единиците на источното крило на Алијансата, вклучувајќи ги и руските сили во близина на границите на балтичките држави. Доколку, на пример, голем број војници или опрема треба да се префрлат кон границата со Естонија, платформата треба да ја регистрира промената и да ги предупреди воените и политичките структури на НАТО.
„Мејвен“ е дизајниран да обработува податоци од сателити, беспилотни летала, радари, камери, копнени сензори и разузнавачки системи. Неговата задача е да идентификува потенцијални закани, да открие промени во распоредот на силите и да им обезбеди на командантите информации потребни за распоредување единици и избор на можен одговор.
Раководителот на британската и европската гранка на „Палантир“, Луис Мозли, изјави дека, во случај на воен конфликт и потреба од извршување на удар, операциите на НАТО ќе бидат поддржани од технологијата на компанијата. Иако вештачката интелигенција ја забрзува анализата и препознавањето на потенцијалните цели, конечните одлуки за употреба на воена сила, според претставниците на компанијата, остануваат во рацете на луѓето.
