Хина – Загреб
Американскиот претседател Барак Обама ја напушта должноста денеска, на 20 јануари, а следат девет работи по кои ќе биде запомнето неговото претседавање.
1. Создавање на историја
Кога историчарите би напишале само една работа за Барак Обама, тоа најверојатно би бил фактот дека тој млад сенатор од Илионоис стана прв црнец претстедател на САД, по 143 години од укинувањето на ропството.
Обама, тогаш 47-годишен, на својата инаугурација во 2009 година покажа голем говорнички талент, промовирајќи ја својата порака за „надеж и помирување”.
Но, во текот на своите два мандати понекогаш тешко ги претвораше своите поетични идеи во пракса. Расните тензии не исчезнаа, но веќе и самиот факт дека е избран за претседател ги потврди големите промени кои се случуваат во американското општество.
2. Санирање на економијата
Во првиот мандат на Обама доминираше економскиот пад на САД, кој го наследи од претходникот. Кризата на пазарот за недвижнини покрена финансиски распад кој ги торпедираше банките и кредиторите на Волстрит и метастазираше во економска криза од глобални размери.
Наспроти силната идеолошка опозиција со големи фискални поддршки, Обама ги зголеми трошоците за спасување на економијата на 831 милијарда долари.
Последиците од таа криза се чувствуваат и денес, но невработеноста во Америка паѓа 75 месеци по ред.
3. „Правдата е задоволена”
„Вечерва можам да го известам американскиот народ и светот дека САД ја изведе операцијата во која беше убиен Осама бин Ладен” – беа зборови со кои Обама на 2 мај 2011 година смири милиони Американци кои беа гневни и исфрустрирани бидејќи најмоќната држава на светот не може да дојде до човекот одговорен за терористичките напади на 11 септември.
Таа ризична операција на американските специјалци стана типична за пристапот на Обама на противтерористичкото дејствување, кое вклучува напади со дронови и вооружени упади. Во време на неговото заминување Ал-Каеда и нејзините филијали значително се ослабени.
4. Маки во Конгресот
„Тоа е една од ретките работи кај моето претседавање за кое жалам – бидејќи злобата и сомнежите меѓу партиите се влошија, наместо да се подобрат” – рече Обама во својот последен говор за состојбата на нацијата.
Откако беше избран за претседател, републиканците во Конгресот се обврзаа дека ќе му се спротивставуваат со сите средства.
Обидите да се затвори затворот во Гвантанамо и да се воведе лично вооружување, дури и по масакрот на учениците во Сенди Хук, не успеаја поради партиските разлики.
5. Договор со Иран
САД над 20 години покренуваше акции и воведуваше санкции за да го спречи Иран да развие нуклеарно оружје. Обама се обиде поинаку, разговарајќи во тајност со таа исламска република.
Резултатот беше договор на кој Иран се обврза дека ќе го запре своето напредување во нуклеарното вооружување во замена за значително укинување на санкциите и добивање на некаков меѓународен легитимитет.
Тој договор ги влоши американските односи со иранските непријатели Израел и Саудиска Арабија, но со него се спречи трката во нуклеарното вооружување на Блискиот исток, па намалени се тензиите меѓу Иран и САД кои траат од Исламската револуција од 1979 година.
6. Без интервенции во Сирија
Ниту една меѓународна криза толку многу не ја тестираше надворешната политика на Обама и неговата високо поставена скала за воените интервенции како судирот во Сирија.
Дури и кога сирискиот претседател Башар Ал-Асад ја премина црвената линија на Обама околу употребата на хемиско оружје и уби илјадници цивили, човекот кој стапи на должност како политичар кој е против војните, одби да интервенира во таа блискоисточна земја.
Сирија ќе биде во криза уште многу години, а критичарите еднакво долго расправаа дали политиката на Обама беше разумна и до кое ниво неговата одлука наштети на американскиот углед, дозволи на т.н. Исламска држава да се прошири и покрена бран имиграции кој ја дестабилизираше Европа и на Русија и Иран овозможи да го прошират своето влијание во регионот.
7. Климатскиот договор
По климатскиот скептицизам на Џорџ В. Буш, Обамините осум години на местото претседател ќе останат одбележани по поднесувањето на голем број закони за природата, со кои се заштитија морските екосистеми, се намали емисијата на штетните гасови и го поддржа развојот на обновливите извори на енергија.
Обама во обид да ги врати еколошките теми во дискурсот на американската политика планинареше по ледниците на Аљаска, нуркаше на островот Мидвеј и ја забрза ратификацијата на Парискиот договор за климата.
Се очекува дека неговиот наследник Доналд Трамп ќе поништи многу закони на Обама поради што прашање е колку долго ќе трае неговото еколошко наследство.
8. Обамакер
Демократите со години неуспешно се обидуваа на Американците да им пружат универзална здравствена заштита. Ни Обама не успеа целосно во тоа, но сепак го прошири здравственото осигурување на милиони Американци кои пред тоа го немале. Тој закон кој стана познат како Обама кеар, републиканците го прогласија за инкарнација на социјализмот, па во еден момент дури тврдеа дека со него ќе се создадат „листи за смрт”. Но, не успеаја да го спречат, што можеби нема да може да се каже за Трамп.
9. Запознавање на соседите
Патувањето на Обама на Куба можеби ќе биде запамтено како што беше посетата на Ричард Никсон на Кина, но тоа всушност беше дел од многу пошироката политика за подобрување на односите на САД и Латинска Америка.
Повторното јакнење на левичарските популисти во тој регион го заживеа сеќавањето на „јенкиевскиот империјализам” – пучеви кои ги поттикнуваше или организираше Америка, одреди на смрт и воени интервенции.
Обама по само 100 дена на претседателската функција на самитот на двете Америки порача дека САД се промениле. Тој пристап подоцна на лидерите како Хуго Чавез, одзема било каков аргумент за анти американизам.
Обама се ракуваше со лидерот Даниел Ортега и го посети гробот на популарниот салвадорски свештеник кој го убиле одреди на смртта поврзани со САД.
Исто така, ги призна „грешките” околу пучот со кој во Чиле беше поставен диктаторот Аугусто Пиноче, објави документи кои ја откриваат американската вклученост во војната во Аргентина и воспостави дипломатски односи со Куба.