Деведесет затвореници побегнале од отворениот затвор „Форд“ во Јужна Англија

Од:

Деведесет затвореници изглегле надвор од просторот на отворениот затвор „Форд“ во англиската област Западен Сасекс и не се вратиле во него, соопштуваат денеска лондонските медиуми.

Овој затвор, како и десетина други кои работат според „отворениот режим“ многу често се соочуваат со бегства на затворениците кои од затворските ќелии, се префрлени на отслужување на казната во „отворени“ затвори.

Најчесто, затворениците излегуваат со знаење на управата, или одат да работат што е дел од издржувањето на казната, но наместо да се вратат назад, тие бегаат.

Меѓу побегнатите 90 затвореници од „Форд“ има и осуденици за посеризни кривични дела, како и затвореници за тешки грабежи и за убиства, па нивното исчезнување претставува опасност за јавноста.

Пратеникот за Западен Сасекс и за приморските места Богнор Реџис и Литлхемптон Ник Гиб, изрази загриженост за големиот број побегнати осуденици и криминалци, осудувајќи го однесувањето на управата на отворениот затвор „Форд“ која не ги алармира веднаш јавноста и медиумите, особено што станува збор за бегства во последните осум месеци.

Полицијата досега успеала да најде и да врати назад само 23 затвореници од овој отворен затвор, но не се знае колкумина се се уште во бегство од другите вакви затвори.

Тревога во јавноста прв пат беше подигната во мај, кога од отворениот затвор во Кент побегна опасен криминалец, познат по прекарот „Кршач на черепи“. Тој излегол за да оди да работи, како што тоа било вообичаено, но не се вратил во затворот и се уште е во бегство.

Полицијата само утврди дека го посетил градилиштето на кое работел. Затворските власти се оправдуваат дека имаат премалку вработени и затворски чувари за да имаат целосна контрола врз ваквите затвори, а Владата најавува заострување на мерките и условите при отслужувањето на затворските казни.

Во периодот меѓу 2012 и 2013 година, од отворените затвори во Англија и Велс побегнале 204 затвореници, што е повеќе од претходната година, но е многу помалку од периодот 2002-2003 година, кога беа регистрирани дури 1300 побегнати затвореници.

Би можело да ве интересира

Британците повеќе не ја сметаат Германија за сигурен сојузник

Велика Британија: Полицијата нуди 23.000 евра за помош за апсење на напаѓачот од Клепам

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Бурата Иша ја погоди Британија, откажани летови, илјадници домови без струја

Хорор во Англија: Пронајдени четири тела во куќа во Костеси

А1он

Ковачевски: Со законот за рестриктивни мерки ќе бидат опфатени наши ентитети, санкционирани од САД и Британија

А1он

Кое оружје го користеа САД и Велика Британија за да ги нападнат Хутите

А1он