Јапонија денеска одбележува 10-годишнина од земјотресот и цунамито во кои загинаа околу 18.500 луѓе, предизвикувајќи нуклеарна катастрофа и уништувајќи го брегот во североисточниот дел на земјата.
Јапонскиот цар Нарухито и премиерот Јошихиде Суга им оддадоа почит на жртвите со едноминутно молчење, а граѓаните палеа свеќи и положуваа цвеќе.
Во земјотресот со интензитет од девет степени и цунамито настрадаа 18.430 луѓе, но пронајдени се телата на 15.897 жртви. Повеќе од 160.000 лица биле принудени да ги напуштат своите домови.
Во нуклеарната централа Фукушима, на североисточниот брег на Јапонија, беа уништени системите за разладување и протече радиоактивен материјал.
Се проценува дека уште 3.700 луѓе починале поради тешките услови за евакуација и животните услови кои се резултат на природната катастрофа и нуклеарната несреќа.