Десетици илјади демонстранти излегоа на улиците на Манагва, главниот град на Никарагва, за да протестираат против изградбата на каналот што ќе ги поврзува Пацификот и Атланскиот Океан.
Големиот хидро проект се проценува на 50 милијарди долари. Изградбата, а потоа и за експлоатацијата на новиот воден пат преку Средна Америка, им е доделено на една кинеска фирма.
Овој канал кој во еден дел ќе минува и низ големото езеро крај Манагва, треба да биде подолг, подлабок и поширок од сегашниот Панамски Канал, што повеќе од еден век ги поврзува двата океани.
Демонстрантите се противат на изградбата на каналот, затоа што стравуваат дека неговата изградба ќе предизвика ошетување на човековата околина, ќе ја загади езерската вода, која за луѓето покрај неговиот брег претставува „извор за живот“, како и дека ќе натера многу луѓе да ги напуштат своите земјишта.
Најголем број од демонстрантите беа фармери кои го осудуваа претседателот Даниел Ортега дека им ја „продава земјата на Кинезите“.
Демонстрантите се судирија со полицијата, фрлајќи камења и кинејќи ги фотографиите и големите паноа со ликот на левичарскиот претседател, поранешен герилец во Никарагва.
Владата во Манагва, меѓутоа, смета дека изградбата на каналот, како најголема инвестиција со десетици години наназад, ќе помогне за побрз развој на оваа земја, која важи за една од најнеразвиените во Средна Америка.
Подготвителните работи на изградбата на каналот, почнаа во декември, минатата година, а инвеститорите најавуваат дека градежните работи ќе бидат завршени за само пет години.