Даунинг стрит 10: Преговорите за Брегзит сепак ќе почнат до крајот на март

Од:

Официјален Лондон останува на порано објавениот план преговорите со Брисел околу британското напуштање на ЕУ да започнат до крајот на март идната година и покрај одлуката на Вишиот суд во Лондон околу покренувањето на член 50 од Лисабонската спогодба, изјави за Би-Би-Си претставник на Даунинг стрит 10.

Според истиот извор, британскиот премиер Тереза Меј денеска за тоа ќе ја информира и Европската комисија, во телефонскиот разговор што ќе го има со претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер.

Меј претходно најави дека преговорите за излез на Велика Британија од ЕУ ќе почнат до крајот на март 2017 година, но ситуацијата се менува со вчерашната пресуда на Судот.

Тројца судии на Вишиот суд во Лондон пресудија дека Владата и премиерот Меј не може да го покрене процесот за Брегзит, без претходна согласност и поддршка од Парламентот.

Иако мнозинството пратеници очекуваат дека Велика Британија ќе ја напушти ЕУ, сепак Вишиот суд со својата пресуда отвора простор за можна парламентарна дебата околу термините за Брегзит.

Најголемиот број британски медиуми, ваквата одлука на Судот ја оценуваат како „силен удар“ врз оние кои заговараат брз и „тврд“ Брегзит, кои се главно од редовите на десното крило на владејачката Конзервативна партија, но и врз премиерот Меј.

Судската одлука одново ја покрена острата кампања на антиевропските сили во Велика Британија, главно меѓу ториевците, антиевропската и антимигрантска Партија за независноста на Обединетот Кралство (УКИП) и кај продесно ориентираните весници. Тие одлуката на Судот ја оквалификуваа како „удар врз демократијата“, затоа што со неа, според нив, не се почитува референдумското изјаснвање на Британците.

Пратеници и членови на Горниот дом на Парламентот сметаат дека треба да се одложи почнувањето на Брегзит и да се отвори време за повеќе дебата.

– Она што го нуди премиерот Меј (крајот на март) како термин за почеток на преговорите со ЕУ, по одлуката на Вишиот суд изгледа сосема нереално, изјави членката на Горниот дом од редовите на владејачките ториевци, леди Виткрофт.

Пратеничката на лабуристите Лиза Нанди смета дека иако Велика Британија излегува од ЕУ, Парламентот сеоак „мора да гласа кога да се покрене членот 50“ и за тоа мора да има расправа во Долниот дом.

Владата веќе поднесе жалба до Врховниот суд, која претставникот на Даунинг стрит 10 очекува да биде разгледана во текот на декември.

Доколку и овој Суд ја потврди првичната пресуда, тогаш пратениците по дебата ќе го определат терминт за старт на Брегзит.

Би можело да ве интересира

Британците повеќе не ја сметаат Германија за сигурен сојузник

Велика Британија: Полицијата нуди 23.000 евра за помош за апсење на напаѓачот од Клепам

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Бурата Иша ја погоди Британија, откажани летови, илјадници домови без струја

Хорор во Англија: Пронајдени четири тела во куќа во Костеси

А1он

Ковачевски: Со законот за рестриктивни мерки ќе бидат опфатени наши ентитети, санкционирани од САД и Британија

А1он

Кое оружје го користеа САД и Велика Британија за да ги нападнат Хутите

А1он