Дали Меланија е прва дама или прва жртва на Трамп?

Од:

Вечерњи лист – Загреб

Во историјата се запиша како прва имигрантка од првата генерација која покрај сопругот претседател на САД влезе во Белата куќа, а тој на денот на инаугурацијата покажа манири на тиранска контрола давајќи и до знаење дека се однесува непримерно.

Доналд Трамп веќе со недели е главна тема на светските медиуми, социјалните мрежи, кафулиња… На моменти се чини дека колективно заборавивме на проблемите на сопствените земји, возбудено следејќи кој иден потег ќе го повлече новиот американски претседател. Пред да стане републиканска ѕвезда, а потоа и еден од најмоќните луѓе на планетата, Доналд Трамп со години беше ѕвезда на сопственото реалити шоу „Приправник” кое му донесе ѕвезда на Холивудската патека на славните и две номинации за Еми. Поради тоа не е чудо што светската политичка сцена со леснотија го претвори во своевидно реалити шоу.

А како во секоја емисија од тој тип, помалку бизарниот алфа-мажјак чии авантури ги следиме, не би бил потполн без жена која за жал најчесто се појавува во функција на негов украс.

Меланија Трамп е родена во 1970 година во словенeчкиот град Ново Место. Пораснала во Севница, во скромно семејство на продавач на автоделови и шивачка во фабрика за облека за деца.

Според локалните извори, со манекенство почнала да се занимава на 17 години кога на улица ја сретнал фотографот Стане Јерко и и понудил можност за пробно снимање. На неговите фотографии, кои од неодамна станаа многу барани, малку кој ја препознал денешната прва дама на САД.

Во тоа време имала природни црти на лицето и се викала Меланија Кнавс. По првите професионални снимања следела повеќе од солидна манекенска кариера, прво во Љубљана каде во 1992 година станала прва придружничка на Мис на Словенија, а потоа во Милано, каде носела ревии на познати брендови и го променила името во Меланија Кнаус. Тоа бил еден од првите, но никако последни обиди своето сосема обично екс-југословенско потекло да го направи гламурозно.

Иако во меѓувреме избришана, официјалната веб страна на Меланија неодамна тврдела дека со професионално манекенство се бавела од петата година и дека во Љубљана дипломирала архитектура и дизајн, иако во реалноста завршила само средно училиште за дизајн и фотографија и по една година се откажала од факултетот.

„Алтернативни факти” за минатото на Меланија нудеше и претседателската кампања на Трамп, зборувајќи дека татко и бил менаџер во фабрика за автомобили, а мајка и модна дизајнерка.

Во време на општа девалвација на фактите, во кое триумфираат популистички реторичари како Трамп, малку кој се вознемирува над фактот дека Меланија Трамп невешто го изменила речиси секој аспект од својата јавна личност: од личната историја, коригираниот физички изглед, до говорот во јуни во 2016 година кога ја поддржа претседателската кампања на својот сопруг, а кој многумина го препознаа како бесрамен плагијат на говорот на Мишел Обама.

На бранот на општото левичарско гнасење над ликот и делото на Доналд Трамп, делува толку лесно да се мрази и тој и неговата сопруга и нивните разгалени деца кои во време на длабока политичка криза се сликаат со прескапи вечерни тоалети (ќерката Иванка) или со полна ловечка опрема позира над трупови на убиени животни (Доналд јуниор).

Меѓутоа, во американската јавност се е поприсутен емпатичниот, но воедно и длабоко патронизирачки дискурс во кој Меланија Трамп наместо прва дама се нарекува прва жртва на Доналд Трамп.

И навистина, 46-годишната Словенка се наоѓа во исклучително неблагодарна положба, отелотворувајќи речиси се против што се залага Доналд Трамп. Својот општествено одговорен имиџ се обиде да го изгради преку кампањата против cyberbullyng, додека нејзиниот сопствен сопруг преку Твитер секојдневно повикуваше на линч на неистомислениците. Во историјата на САД се запиша како прва имигрантка од првата генерација која стана прва дама и тоа токму на претседател кој со сите сили се бори против имигрантите.

А тука е и прашањето на неговата исклучителна патријахалност, па и отворен сексизам, поради што почна да се шпекулира дека Трамп можеби ја злоставува и својата сопствена жена. Кога кон крајот на минатата година беше објавена снимката со него како се фали со сексуално вознемирување на жените, Меланија Трамп се најде во понижувачка состојба во која мораше да ја убедува јавноста дека Трамп „исклучително ги цени жените” иако срамотните сексуални испади евидентно се случуваа во време на нивниот брак. На денот на неговата инаугурација светот го обиколија фотографии на простачки манири на Трамп во однесувањето со сопствената сопруга.

На пример, приоѓајќи кон Белата куќа, тој побрза да се ракува со семејството Обама, оставајќи ја Меланија сама да излезе од автомобилот и да им се придружи на тремот. Во текот на самата инаугурациска церемонија се сврте кон неа, на што Меланија го награди со широка насмевка. Меѓутоа, Трамп нешто и рече поради што таа го смени изразот на лицето како да и залепи шлаканица. Во неколку наврати во тој ден мажот ја замолчуваше пред камерите, ја насочуваше или пак корективно ја тапкаше, давајќи и до знаење дека нејзиното однесување се смета за непримерно. Накусо, оставаше впечаток на целосна, речиси тиранска контрола над неа.

Влијателната феминистичка блогерка и колумнистка Лаура Пени неодамна оцени дека „Меланија Трамп е мажена за моментално најголемиот социопат на светот, при што левицата и десницата подеднакво ја понижуваат и исмеваат” – и таа повика на солидарност кон жената која ја опиша како жртва во секоја смисла.

Таа идеја брзо се прошири на феминистичката и левата активистичка сцена, па на неодамнешниот Марш на жените, кој беше една од најсилните манифестации на отпорот на новоизбраниот претседател, можеше да се видат транспарентни со поддршка на Меланија Трамп, додека ознаката #FreeMelania стана една од најпопуларните на Твитер, омилена веб алатка на Трамп.

Меѓутоа, овие денови се појавуваат и се повеќе текстови кои предупредуваат дека таквата реторика е штетна на повеќе нивоа: како прво, моментално не постојат цврсти докази за какво било злоставничко однесување на Трамп кој сегашната сопруга (разводот од поранешната сопруга Ивана, за жал го одбележаа тешки обвиненија за брачно силување и емоционално злоставување). Второ, истакнуваат критичарите, создавањето на прекрасен наратив за прекрасната заробеничка на дворот на Трамп го свртува вниманието од неспоредливо пошироките општествени проблеми кои со своите радикални потези ги предизвика новиот американски претседател. Трето, таквото сожалување, Меланија Трамп повторно ја става во стереотип на кукла неспособна да одлучува за сопствената судбина, занемарувајќи ја можноста дека таа со потезите на сопругот всушност се согласува, или барем дека не и пречат доволно за да се разведе од него.

Бидејќи Меланија и Доналд Трамп цели две недели по претседателската инаугурација не се појавија заедно во јавноста, големо внимание во петокот предизвика снимката во која Трамп излегува од претседателскиот авион, при што Меланија го дочекува и се обидува да го фати за рака, а тој ладно ја отфрли. Новиот круг на дебати за нивниот однос во рок од неколку минути ги запали американските и светските медиуми.

Би можело да ве интересира

САД: Судири на пропалестински протести, приведени околу 300 студенти

Трамп: Апсењето на студенти во Њујорк „беше убаво за гледање“

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер го погоди Лос Анџелес

(ВИДЕО) Полицијата во САД усмрти ученик пред училиште откако доби информација дека има пиштол

Хамас: САД вршат притисок да го прифатиме договорот со Израел

А1он

Вучиќ за негодувањето на САД што нови министри се на американската црна листа: Тоа е изборот на граѓаните на Србија

Предраг Петровиќ