Група научници од целиот свет трагајќи по можните влијанија на климатските промени врз модерното општество ја проучувала цивилизацијата на Маите, која се распаднала поради глад и војни, кои биле последица на тешките суши, предизвикани од природни климатски промени.
Научниците изработиле детална климатска мапа на период долг 2000 години, со одбележување на сушните и дождовните периоди во денешен Белизе, каде меѓу 300 и 1000 години се развиле денешните мајански градови.
Анализирајќи ги сталагмитите и богатите археолошки наоѓалишта, кои ги оставиле Маите, научниците својата студија ја објавија вчера во списанието „Сајнс“.
За разлика од моменталниот тренд на глобалното затоплување промената на климата во средна Америка во време на пропаѓањето на Маите била предизвикана од голема, циклична, природна промена на временските услови. Таа во период од неколку векови носела екстремна влага, благодарение на која цивилизацијата на Маите забрзано напредувала, но и периоди на исклучително сушно време, изјави лидерот на тимот научници, Даглас Кенет, антрополог од Универзитетот Пен Стејт.
Влажните периоди го поттикнувале развојот на стопанството и растот на населението и ги зајакнувале позициите на кралевите, на кои им се припишувале заслугите за дождот и се подготувале жртвувања со цел да продолжат поволните временски услови.
Кога влажните периоди околу 660 година постепено преминале во сушни, авторитетот и моќта на кралевите се намалиле, што било поврзано со се поголемиот број војни за природните извори.
Политичкиот крај на Маите се случил около 900-та година кога долг сушен период целосно ја поткопал власта на кралот. Но населението се одржало уште повеќе од сто години, се до екстремната суша од 1000 до 1.100 година, која ги натерала Маите да го напуштат центарот на својата цивилизација.
– Постојат некои паралели со модерното време, поради кои мораме да бидеме загрижени, изјави Кенет, потенцирајќи ги во тој контекст посебно Африка и Европа.
– Доколку климатските промени во некои подрачја го уништуваат земјоделското земјиште, тоа може да предизвика глад во широки размери, општествена нестабилност и повлекување на населението, токму како што тоа се случило со цивилизацијата на Маите, предупреди Кенет.