Католичката црква не може да се откаже од своите догми но би требала да има повеќе разбирање, благост и милосрдие кон „несовршените“ католици како што се разведените, порача папата Франциско во клучниот документ за бракот и семејството.
Во овој документ, папата нагласи дека хомосексуалците треба да се почитуваат, но го повтори ставот на Црквата дека апсолутно нема основи за изедначување на хетеросексуалните и истополовите бракови.
Пред долго очекуваниот документ кој содржи 260 страници, најмногу се чекаше да се види што папата ќе каже за реинтеграцијата во црквената заедница на оние католици кои се развеле и стапиле во нови цивилни бракови. Според постоечкото црковно учење тие не можат да примат причест бидејќи првиот брак во очите на црквата и натаму е валиден.
– Никој не може засекогаш да биде осуден, бидејќи тоа не е логиката на Евангелието. Не зборувам само за разведените и повторно венчани, него за сите во која и ситуација да се нашле, порача папата.