Четири лица го загубија животот, а 18 се повредени во невремето што синоќа ја зафати Полска, а беше проследено со силен ветер со ураганска сила, оставајќи зад себе материјална штета и уништени дрвја во западниот и централниот дел на земјата, соопштија полските власти.
Пожарникарите пријавиле повеќе од 10.000 интервенции и 930 оштетени згради, јави приватната телевизија ТВН24, додавајќи дека најлошо минале провинцијата Лубуш на запад и Лоѓ во централниот дел на Полска.
-Невремето беше страшно, го скрши лимот од покривот и го фрли од едната страна на куќата на другата, изјави Кшиштоф Колчински за ТВН24, чија куќа во Машковице, во центарот на земјата, е сериозно оштетена во невремето.
„Добро е што имаме оџаци, инаку ќе го однесеше целиот покрив“, додаде тој.
Во Вроцлав, во југозападниот дел на земјата, полицијата извести дека две лица загинале кога дрво удрило во нивниот автомобил.
-Полицијата во Вроцлав доби информација дека дрво паднало врз автомобил во движење, изјави полицаецот Павел Нога. „За жал, на местото на настанот е потврдено дека двете лица од автомобилот загинале.
Полската метеоролошка служба издаде предупредување за невремето што ќе следи вечерва, а најсилен ветер се очекува во северна Полска.