Четири лица загинаа денеска во судири во северниот либански град Триполи, кои биле испровоцирани од конфликтот во соседна Сирија, изјавија претставници на силите за безбедност.
Најмалку еден од загинатите е сунит, а во судирите се ранети 27 лица, претежно од снајперисти во центарот на Триполи.
Во судири меѓу сунитите, кои ги поддржуваат сириските бунтовици и алавитите, кои се на страната на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад во вториот по големина либански град минатиот месец загинаа 29 лица.
Во јужниот либански град Сајда, трет по големина во земјата, вооружени мажи отворија оган кон сунитски духовен лидер, додека тој одел кон џамија на утринската молитва. Напаѓачите не успеале да го убијат и избегале, откако неговите телохранители отворила оган кон нив. Духовникот Махер Хамуд се смета за близок до Хезболах.
Либан се обидува да не биде вовлечен во конфликтот со соседна Сирија, каде изминатите две години загинале 80 илјади лица.