Чешка и Словачка се меѓу оние европски земји кои несоодветно или воопшто не ги штитат луѓето од пасивното пушење, констатира организацијата Партнерство без чад (СФП) од Брисел, препорачувајќи им на двете земји да ги подобрат законите против пушењето, пренесуваат локалните медиуми.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, СФП забележува дека во Чешка, нема забрана за пушење во рестораните и баровите, а на работните места пушењето цигари е забрането само делумно.
– Неприфатливо е тоа што толку многу европски земји не успеваат да ги заштитат своите граѓани од опасноста од тутунскиот чад, изјави Флоренс Бертелети, директор на СФП.
Во групата „грешници” кои имаат ,,меки” закони против пушењето или не ги спроведуваат правилно, се уште и Грција, Романија и Австрија.
Според Бертелети владите на некои земји не се грижат за тоа полицијата да ги казнува оние кои не ги почитуваат законите против пушењето.
Меѓу европските прваци во борбата против пушењето се Ирска, Велика Британија, Шпанија и Унгарија.
Според СФП, искуството на овие земји покажува дека законите за забрана на пушењето се ефикасни, уживаат поддршка и не носат големи трошоци.
Според порталот „Еуопсервер” проценките од 2006 година покажуваат дека како резултат на пасивното пушење во Европската унија секоја година умираат 79.000 луѓе, а страста за тутунот секоја година ги чини живот 700.000 лица во земјите на ЕУ.
Одделни членови на ЕУ имаат околу една година рок, за да внесат во нивните построги прописи во однос на производство или продажбата на производи од тутун.
На кутиите со цигари, на пример со фотографии ќе се прошират предупредувањата против негативните здравствени ефекти на пушењето.
Чешката Влада веќе планира да воведе забрана за пушење на јавни места. За прекршување на забраната се предвидува казна од 200 евра за поединците и до 2.000 евра за сопствениците на рестораните и пабовите.
Во моментов сопствениците на рестораните, кафулињата и баровите сами одлучуваат дали ќе дозволат пушење на цигари во нивните локали и тоа треба да го напишат на плакат на влезот.