Британскиот министер за надворешни работи поднесе оставка

Од:

Шефот на британската диполматија Вилијам Хејг поднесе оставка на функцијата, но најави дека останува во владиниот кабинет, како лидер на Долниот дом во Парламентот.

Досегашниот прв човек на Форин Офисот соопшти и дека по парламентарните избори во мај идната година ќе се повлече и од британската политика, откако 26 години беше пратеник од Ричмонд, во англиската област Северен Јоркшир.

Во кусата изјава за јавноста Хејг изрази подготвеност да помогне во владата на новата функција и да биде дел од кампањата на Конзервативната партија на изборите во мај 2015 година.

– Задоволство ми е што својата политичка кариера ќе ја завршам онака како што ја почнав, зборувајќи во Парламентот и водејќи кампања меѓу гласачите, рече Хејг.

Во 1997 година Вилијам Хејг беше избран за лидер на ториевците по тешкиот пораз што дотогашниот премиер и партиски  лидер Џон Мејџор го доживеа на изборите од Тони Блер и лабуристите. Хејг остана на таа функција четири години, до по изборите во 2001 година, кога и тој беше убедливо победен од Блер, кој втор пат едноподруго стана британски премиер.

По изборите во мај 2010 година, Хејг влезе во коалицската влада на конзервативците и либералдемократите, како шеф на дипломатијата и остана во Форин Офисот повеќе од четири години.

Според партиски извори, на кои се повикуваат лондонските медиуми, нов министер за надворепни работи најверојатно ќе биде Филип Хамонд, кој сега раководи со ресорот одбрана.

Претставник на Даунинг стрит 10 соопшти дека заминувањето на Хејг е дел од обемната реконструкција на британската Влада од редовите на ториевците, откако оставка поднесе и ветеранот во владиниот состав, Кенет Кларк, министер без ресор, а пред  тоа министер за правда.

Кларк е пратеник уште од 1970 година, а во владиниот состав беше и во времето на Маргарет Тачер, како и потоа во Кабинетот на нејзиниот наследник Мејџор. Како министер Кларк беше прво задолжен за внатрешните работи, а од 1993 до 1997 година беше и министер за финансии. Во сите ториевски влади,тој беше силен подржувач на британското членство во ЕУ, а сега е противник на организирањето референдум за напуштање на Унијата.

Од своите функции, денеска ќе бидат сменети и досегашниот лидер во Долниот дом, Ендрју Ленсли, на чие место веќе е назначен Вилијам Хејг, како и министерот за животна средина Овен Патерсон, кој е поранешен министер за Северна Ирска.

Покрај заминувањето на овие министри, беа сменети и девет други министри, заменици-министри и членови на Владата, меѓу кои и министерот за Велс Дејвид Џонс, како и замениците-министри, Дејвид Вилетс, задолжен за високото образовани, Ален Данкан за меѓународен развој и Демијан Грин за полициски прашања.

Минатата недела беше најавена реконструкцијата на Владата, која треба да се екипира за следните парламентарни избори. Беше најавено заменувањето на Кларк и на уште неколку политички и партиски ветерани, но во ниту една варијанта не беше споменуван Вилијам Хејг, за кого премиерпт Камерон и сега вели дека ќе остане неговата „десна рака“ до изборите предвидени за десет месеци.

Партиски функционери најавуваат дека во новиот состав на владата ќе има многу повеќе жени од досега.

Опозициските лабуристи во својата прва реакција на владината рекнструкција соопштија дека станува збор за „чистка на умерените ториевци“ која само покажува каков лидер на партијата е Дејвид Камерон. За него лабуристите велат дека одново потклекнал пред евроскептиците и партиската десница.

Лабуристот Мајкл Дагер, член на опозициската Влада во сенка, изјави дека најавата оти Хамонд ќе биде новиот шеф на Форин Офисот значи дека еден „тврд евроскептик кој заговара повлекување на Велика Британија од ЕУ, ќе раководи со британската дипломатија“ до изборите.

Би можело да ве интересира

Британците повеќе не ја сметаат Германија за сигурен сојузник

Велика Британија: Полицијата нуди 23.000 евра за помош за апсење на напаѓачот од Клепам

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Бурата Иша ја погоди Британија, откажани летови, илјадници домови без струја

Хорор во Англија: Пронајдени четири тела во куќа во Костеси

А1он

Ковачевски: Со законот за рестриктивни мерки ќе бидат опфатени наши ентитети, санкционирани од САД и Британија

А1он

Кое оружје го користеа САД и Велика Британија за да ги нападнат Хутите

А1он