Британка и нејзиниот вереник од Јужноафриканската Република биле пронајдени мртви во туристичка вила во Виетнам, јавува Sky News.
Канцеларијата за надворешни работи на Велика Британија потврди дека е во контакт со локалните власти и дава поддршка на семејството на Грета Мари Оттесон (33).
Грета Мари Оттесон и нејзиниот партнер Арно Квинтон Елс (36) беа пронајдени мртви утрото по Божиќ, на кревети во посебни соби во вилата Хои Ан Силвербел.
Вилата се наоѓа во Хои Ан во централната виетнамска провинција Куанг Нам.
„Имаме поддршка од семејството на Британката која почина во Виетнам и сме во контакт со локалните власти“, потврдија надлежните.
Според извештајот на локалниот портал Tuoi Tre News, иследниците не пронашле надворешни знаци на повреда на телата на двајцата починати.
Друг извештај на државните медиуми Виетнам њуз вели дека локалните полицајци пронашле неколку празни шишиња со алкохол и ги однеле на анализа.
Во јули 2024 година, парот се пријавил за долгорочен привремен престој во туристичка вила, пренесува Sky News.
Грета Мари Оттесон водеше компанија за управување со социјални медиуми и бренд наречена Not Sorry Social и претходно работеше на различни локации вклучувајќи ги Лос Анџелес, Париз и Дубаи пред да отпатува во Виетнам.
Нејзиниот вереник Арно Квинтон Елс беше професионален бариста, музичар и стример, а претходно настапуваше како стенд-ап комичар.
Парот ги изненади своите најблиски објавувајќи ја свршувачката на Инстаграм на 11 декември.
„Живеејќи во романтичниот град Хои Ан, нашите драги пријатели Грета и Арно решија да ги изненадат своите семејства со прекрасно видео за да ја објават нивната свршувачка“, соопштија од компанијата на Грета.
Во ноември, шест лица, меѓу кои и британската адвокатка Симон Вајт, починаа од сомнително труење со метанол во соседен Лаос.