Американскиот Сенат вчера го потврди именувањето на Џон Бренан за нов директор на Централната разузнавачка агенција, со 63 гласа за и 34 против.
Гласањето во Сенатот дојде по еднодневната блокада која во средата ја спроведе републиканскиот сенатор од Кентаки Ренд Пол, кој држеше збор скоро 13 часа без престан во обид да го спречи гласањето на Бренан поради одбивањето на претседателот Барак Обама јасно да се огради од можноста за вршење ликвидации на американски граѓани со беспилотни летала.
Во текот на четвртокот сенаторот Пол доби порака од јавниот обвинител на САД Ерик Холдер, во која го информира дека претседателот Обама нема овластување да нареди на американска почва да бидат ликвидирани американски граѓани кои не се вклучени во воена операција. По ова, сенаторот Пол најави дека се согласува да ги прекине активностите за попречување на изборот на Бренан, за на крај неговата номинација да биде прифатена.
Сепак, двајца демократски сенатори гласаа против номинацијата, заедно со 32 републиканци. Освен за ликвидациите со беспилотни летала, сенаторите изразија загриженост и поради улогата на Бренан во програмата на агресивно испрашување на заробените осомничени исламисти.
Освен кај демократите, поделеност се појави и кај републиканците. Двајца истакнати сенатори, Џон Мекејн и Линдзи Грахам го обвинија сенаторот Ренд Пол за несериозност поради 13 часовното обраќање во Сенатот.
Според Мекејн изјави дека е смешно да се изрази сомнеж дека претседателот на САД би испратил летечки робот да убие Американец кој не се согласува со неговите политики.
Сенаторот Пол возврати дека САД мора да се водат со почит кон својот Уставот дури и во војна, и ги обвини Мекејн и Грахам дека за нив целиот свет е бојно поле.
Се проценува дека Обама досега ликвидирал околу 5.000 лица со напади со беспилотни летала, најмногу од нив во Пакистан, Авганистан и Јемен, вклучително и американскиот државјанин Анвар ал Авлаки и неговиот 16 годишен син Абдулрахман.