Бразилскиот Сенат отвори истрага за начинот на кој Владата управуваше со пандемијата на коронавирусот и оваа политички експлозивна истрага може да му наштети на претседателот Жаир Болсонаро, кој сака да се кандидира за уште еден мандат.
Најжестоките противници Болсонаро го нарекуваат „геноциден“, а меѓу нив е и поранешниот претседател на левицата Луиз Игнасио Лула да Силва, на кого анкетите му предвидуваат победа во вториот круг на претседателските избори во октомври 2022 година.
Болсонаро ја минимизираше пандемијата во сите нејзини аспекти. Тој ги отфрли мерките за затворање, носење маски и одржување физичко растојание меѓу луѓето, па дури и вакцините. Неговата влада е обвинета за одбивање на неколку понуди од фармацевтски компании, вклучувајќи 70 милиони дози на вакцина предложена од Лабораторијата Фајзер во август 2020 година.
Процесот на вакцинирање во Бразил е осакатен поради недостиг на дози, а Болсонаро продолжува да фали некои лекови што ги смета за ефикасни, како што е хидроксихлорокинот, и покрај тоа што експертите го отфрлија.
Истражна Комисија на Сенатот го крена на нозе главниот град Бразилија, во време кога јужноамериканската земја се очекува да ги надмине 400.000 жртви од Ковид-19 во следните денови, со што ќе стане втора во светот по смртност по САД.
Само четворица од 11-те членови на истражната комисија се сметаат за блиски до владата.
Комисијата, формирана вчера, треба да заклучи дали има неправилности или корупција, особено во начинот на справување со кризата со недостиг на кислород во Манаус, главниот град на бразилската држава во амазонската прашума.
Доколку комисијата заклучи дека имало неправилности, може да го проследи извештајот до Државното обвинителство, кое може да поднесе тужба против еден или повеќе членови на Владата.
– Не направив никаква грешка, немам кристална топка, туку разговарам со луѓето, рече Болсонаро вчера пред своите приврзаници во Бразил.
На чело на комисијата е поставен Ренан Калхеирос, еден од лидерите во Сенатот кој вети „хируршка“ истрага за грешките на Владата.
– Земјата има право да знае кој придонел за илјадници смртни случаи, а оние што направиле грешки мора да бидат казнети, рече тој, отфрлајќи ја тезата за виша сила.
– Божјата казна не нè донесе до овој степен на пандемијата. Постојат виновници, или со нивното дејствување или со недејствување … Злосторствата против човештвото не застаруваат, пример се (Слободан) Милошевиќ и (Августо) Пиноче, рече Калхеирос.
– Јас не направив ништо лошо, одговори Болсонаро, тврдејќи дека мерките како национално „заклучување“ ќе предизвикаа повеќе страдања во земјата отколку вирусот.
Некои експерти сметаат дека истрага и не е потребна бидејќи на сите им е јасно каде погреши Владата и единствено прашање е колкава е штетата.
Комисиите од овој вид имале понекогаш драматичен ефект во минатото, на пример во 90-тите години на минатиот век кога таквата истрага заврши со отповикување на претседателот Фернандо Колор. Според анкетите, Болсонаро веќе е далеку зад Лула да Силва.