Европската Унија мора да учи од кризата во Авганистан и да го зајакне сопствениот воен капацитет и стратешка воена автономија, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.
Во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“, Борел неодамнешните настани во Авганистан ги нарече „катастрофа за авганистанскиот народ“.
Борел призна дека имало „извесно повлекување на САД на светската сцена“, што ја наметна потребата да се зајакне сопствениот капацитет на ЕУ за дејствување во време на криза.
Претставникот на ЕУ истакна дека го толкува повлекувањето на Вашингтон од Авганистан од страна на претседателот Џо Бајден како сигнал дека не сака да води „војни за други луѓе“.
– ЕУ мора да биде способна да интервенира за да ги заштити нашите интереси кога Американците не сакаат да учествуваат, рече Борел.
Тој додаде дека „како Европејци, ние мора да ја искористиме оваа криза за да научиме да работиме повеќе заедно и да ја зајакнеме нашата стратешка воена автономија. Како Европејци, ние мора да ги вршиме работите сами“.
Осврнувајќи се на неодамна објавената одбранбена стратегија на Унијата, наречена „Стратешки компас“, тој ја нагласи потребата од создавање на „почетна воена сила“ од 5.000 војници на ЕУ, која би можела да дејствува на краток рок.
Тој, исто така, објасни дека зголемениот воен капацитет на ЕУ нема да значи прекин на трансатлантските врски.
– Со зајакнување на нашиот капацитет за дејствување, ние го зајакнуваме и НАТО, додаде Борел.