Блокада на каналот во Венеција против доаѓањето на големите бродови-крузери

Од:

Педесетина демонстранти скокнаа во водите на каналот покрај познатиот плоштад „Свети Марко“ за да го блокираат минувањето на големите туристички бродови-крузери.

Демонстрантите меѓу кои имаше и нуркачи во специјални облеки,ја имаа подршката од преку илјада луѓе, собрани на брегот, како и од градоначалникот на Венеција.Тие велат дека се загрижени за темелите на околните згради и палати за кои тврдат дека може да попуштат поради притисокот на брановите што ги создаваат големите бродови.

Организаторот на овие необични демонстрации соопшти дека тие се противат на влегувањето на големите крузери во градот, затоа што со својата височина ги надвисуваат и највисоките згради во Венеција, нарушувајќи го нејиниот пејсаж и го „поплавуваат“ градот со големиот број туристи.

Протестот на пливачите и нуркачите е организиран во саботата, кога во Венеција се најдоа дури 12 големи бродови-крузери. Локалните власти признаат дека ова е преголема бројка, затоа што просечно, во каналот покрај „Свети Марко“ не би требало да минуваат повеќе од два вакви брода.

Демонстрантите успеаја неколку часови да го запрат движењето на бродовите, пред да се повлечат од водите во каналот.

– Ова беше успешен протест. Нашата цел е да и укажеме на владата во Рим да донесе посебни мерки околу бродскиот сообраќај во градот и целосно да го забрани влегувањето на овие бродови-грдосии во водите на лагуната Венеција, изјави портпаролот на демонстрантите Силвио Теста.

Туристичките компании кои ги организираат патувањата на крузерите, објаснуваат дека нивните бродови не предизвикуваат никаква штета во каналот, ниту им наштетуваат на околните згради.

Демонстрантите, меѓутоа, велат дека стравуваат од можноста да се случи грешка при навигацијата, па некои од овие бродови, како во случајот со крузерот „Коста Конкордија“ да удри во брегот и тешко да оштети некоја од средновековните палати.

На денот на демонстрациите, сите 12 бродови кои впловија во градот, донесоа 35 илјади туристи, што е половина од бројот на постојаните жители на Венеција.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Карабињерите запленија 2.700 килограми кокаин, скриен во керамички банани

Пет работници загинаа во Палермо

Венеција почнува да им наплаќа на туристите за влез во градот

(ВИДЕО) Триесетина повредени во несреќа на пристаниште во Италија

Горан Наумовски

Бројот на жртвите од експлозијата во хидроцентралата крај Болоња се зголеми на седум

Девојче од Србија е дрогирано и силувано во Рим