Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во полскиот град Жешов, најави дополнителна помош за Украина, Полска и земјите каде бегалците од Украина бараат спас од војната. Помошта ќе биде во вредност од 2,75 милијарди долари, која американскиот претседател Џо Бајден веќе ја побара од Конгресот.
– Полјаците знаат колку е важна одбраната на слободата, така што ќе работиме заедно за да и помогнеме на Украина да се спротивстави на нелегалната, неиспровоцирана и однапред обмислена инвазија, рече Блинкен по разговорите со полскиот премиер Матеуш Моравјецки и министерот за надворешни работи Збигњев Рау.
Моравјецки им рече на новинарите дека Блинкен целосно се согласува дека е неопходно да се зајакне источното крило на НАТО, а со тоа и безбедноста на Полска, Литванија, Романија, Унгарија и Словачка и дека сите сојузници го велат истото.
– Се согласивме дека Украинците во нивните ровови, утврдувања, барикади не се борат само за суверена Украина, не само за безбедноста на нивната земја, туку и за безбедноста на цело НАТО, рече полскиот премиер.
Моравјецки повторно побара од Блинкен, како и од Европската Унија, уште поостри санкции против Русија.
– Санкциите мора да бидат жестоки и одлучно да ја погодат воената машинерија на (рускиот претседател Владимир) Путин. Тоа значи дека сите банки треба да бидат исклучени од СВИФТ, а замрзнувањето на средствата треба да биде што пошироко, рече Моравјецки.
Шефот на полската дипломатија рече дека разговорите со Блинкен биле посветени на координација на одговорот на руската агресија врз Украина, политичките, социјалните, економските и хуманитарните последици од војната.
– Полска никогаш нема да ги признае територијалните промени кои произлегуваат од незаконска, неиспровоцирана агресија. Начинот на кој Русија го води нападот и нејзините напори да го скрши отпорот на Украина кон нападите што го тероризираат општеството гаѓајќи станбени згради, нуклеарни централи и цивилни возила е кршење на меѓународното право, рече Рау на прес-конференција.
Шефот на дипломатијата најави дека Полска ќе инсистира на истрага за воените злосторства што ќе ги изврши руската армија во оваа војна.
– Со оглед на нашето болно искуство, Полска постојано ќе бара воените злосторства да се гонат кривично. Казнувањето на воените злосторства е елемент на заедничката меморија на човештвото. Тоа е наша заедничка обврска, рече Рау.
Блинкен денеска беше во градот Жешов на разговори со највисоките полски функционери и предвидена е средба со украинските бегалци подоцна во текот на денот. Тој се сретна со полскиот премиер Матеуш Моравјецки и министерот за надворешни работи Збигњев Рау, еден ден по присуството на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, на кој алијансата вети дека ќе ја зајакне поддршката за членките од источното крило како Полска заради спротивставување на руската инвазија на Украина
Иако НАТО ја отфрли можноста за воспоставување зона на забранети летови над Украина, која не е членка, значително ја зголеми воената и хуманитарната помош. Жешов е на околу 80 километри од границата со Украина и неговиот аеродром стана центар за летови со таква помош.
Блинкен рече дека неговата посета на Полска доаѓа во „еден од најитните моменти во долгата историја меѓу нашите две земји“ и посочи дека неодамна почнатото распоредување на американски војници во земјата ќе продолжи.
По неговата посета во Полска, тој ќе отпатува за Молдавија, која исто така доживеа прилив на украински бегалци, и трите балтички држави кои се особено загрижени поради инвазијата на Русија.
Досега речиси 800.000 бегалци од Украина пристигнале во Полска, меѓу кои и странски студенти и странци од 170 земји кои живееле и студирале во Украина, изјави вчера премиерот Моравиецки. УНХЦР очекува бројот на украински бегалци да надмине 1,5 милиони до крајот на оваа недела.
Извор: МИА