Европската унија е посилна ако покрај внатрешната интеграција се прифати и членството на нови земји, истакна еврокомесарот за проширување Штефан Филе во расправата за Политиките и критериумите за проширување и стратегијата на ЕУ во оваа област, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Филе пред Европскиот парламент во Стразбур нагласи дека во ЕУ не смеат да се „увезат“ билатералните проблеми на земјите кандидати и дека тие мораат да бидат решени пред потпишувањето на договорот за членство.
– Проширувањето не е за да се внесат отворени билатерални проблеми во Европската унија. Мораме да бидеме сигурни дека нерешените билатерални проблеми нема да бидат „мини“ кои ќе експлодираат во текот на постапката за прием на нови земји членки, истакна еврокомесарот.
Филе притоа инсистираше дека тој е подготвен со сите средства, преку преговори, арбитража, користење на судот од Хаг, да се решаваат овие билатерални прашања паралелно со процесот за преговорите за членство.
Во предлог резолуцијата на грчката европратеничка Мариа-Елени Копа, за кој ЕП ќе гласа денеска, јасно се вели дека билатералните проблеми треба да бидат решени пред членството во Унија, пред се овде се мисли на територијални проблеми. Притоа според текстот на резолуцијата треба да се земат в предвид и интересите и вредностите на ЕУ, а се предлага и механизам за арбитражно решавање на билатералните проблеми во рамките на ЕУ.