Белгискиот премиер, Шарл Мишел, изјави дека е време Европската Унија да донесе конечна одлука во однос на напорите за членството на Турција во ЕУ, пренесоа американските медиуми.
„Мазохизмот треба да има свои граници“, порача премиерот Мишел по повеќемесечните провокации од страна на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Мишел посочи дека го има чувството дека процесот за членство не е правилната форма за спроведување на успешен дијалог со Турција.
– Турција секогаш ќе биде наш сосед, така што има голем стратегиски интерес за дијалог, рече Мишел и дополни дека е дојден „моментот на вистината со Турција“
Ердоган неодамна победи на референдумот со кој се зголемија надлежностите на претседателот. Тој самиот посочи дека е можно да се организира и референдум за прашањето дали земјата да продолжи со своите напори за членството во ЕУ.