Белгиски истражувачи од Универзитетот во Лувен, Белгија, успеаја да го идентификуваат и блокираат клучот што му овозможува на коронавирусот да ги напаѓа клетките, со што се спречува инфекцијата со Ковид-19.
„Откритието, објавено во Nature Communications, поттикнува надеж дека може да се развие антивирусен лек кој ќе го искорени вирусот во случај на инфекција или контакт со висок ризик“, соопшти Универзитетот.
Истражувачите истакнуваат дека населението, и покрај кампањите за вакцинација, не е имуно на појавата на нова варијанта на вирусот, а долгорочната ефикасност на вакцините останува неизвесна.
Дејвид Алштајнс, истражувач на Институтот за биомолекуларна наука и технологија (ЛИБСТ) на Универзитетот во Лувен, и неговиот тим работат две години за да ги разберат механизмите што ги користи вирусот за да ја зарази клетката.
Тие ја проучувале интеракцијата помеѓу сиаловата киселина (AС), еден вид шеќерен остаток на површината на клетката, и протеинот САРС-КоВ-2, за да ја разјаснат неговата улога во процесот на инфекција.
Сиаловите киселини кои ги опкружуваат клетките им олеснуваат на вирусите да ги идентификуваат своите цели, но исто така го олеснуваат вирусот да се закачи и да ја зарази клетката.
Во оваа студија, истражувачите идентификуваа варијанта на овие киселини што посилно дејствува со протеинот на вирусот од другите. „Накратко, го пронајдоа клучот што вирусот го користи за да ја отвори вратата до клетките“, велат од универзитетот.
Истражувачкиот тим ќе тестира глувци за да го примени овој блокатор на вирусот и да види дали ќе делува на телото. Резултатите треба да овозможат развој на антивирусен лек.