Здружението на стоматолози и забари на Белгија ги замоли своите членови да ги одложат сите интервенции кои не се итни поради големиот ризик од контаминација со новиот коронавирус.
-Забарот е многу блиску до пациентот, не држиме метар и половина безбедна дистанца. Притоа, кога се поправаат заби се произведуваат многу аеросоли, кои се мали капки вода кои циркулираат во воздухот и можат да го пренесат вирусот, затоа решивме дека треба да се одложат сите интервенции што не се итни, изјави претседателот на стоматолошкото здружение, Мишел Девриз.
Друг проблем кој се јавува со забарите и стоматолозите е што тие носат маски и ракавици за време на интервенциите, кои ги менуваат после секој пациент, а оваа опрема им е потребна сега на лекарите и медицинските работници кои се справуваат со епидемијата на Ковид-19 во болниците.
Во просек, еден забар менува маска и ракавици секој час.
Ординациите сепак треба да останат отворени за итни случаи, и се бара од пациентите кои имаат симптоми на Ковид-19 да не одат во ординациите, туку претходно да се консултираат со стоматолог по телефон за да се одлучи за следните чекори.