Белгија размислува за мерки против лажни вести на „Жолтите елеци“

Од:

Белгискиот министер за надворешни работи, Дидие Рејндерс, најави утрово дека треба да се “размисли“ за можни мерки против лажна вест за смрт на демонстрантка што ги проширија припадници на „Жолтите елеци“ во текот на викендот.

На бројните страници на „Жолтите елеци“, кои демонстрираат во Франција од ноември секоја сабота, овој викенд се прошири лажна вест за наводна смрт на белгиска демонстрантка за време на саботниот протест во Париз. Објавени се постови на разните Фејсбук групи на “Жолтите елеци„ во кои се изразува сочувство за жена наречена Корали која наводно била убиена од полицајците за време на протестите во Франција. Повеќе “Жолти елеци“ снимија и видеа во кои тврдат дека сведочеле за нејзината смрт, а еден од нив отиде дотаму да плаче во петминутно видео посветено на оваа измислена смрт.

По проверките на белгиското МНР и на француските власти утврдено дека е ова лажна вест и дека не постои Белгијка Корали убиена на протестите во Франција.

Но, во меѓувреме информацијата е преземена и објавена од повеќе медиуми во Белгија и во Франција, додека пак припадниците на „Жолтите елеци“ објавија извинувања на своите Фејсбук групи.

Белгискиот министер за надворешни работи утрово на белгискиот јавен сервис рече дека ова преставува скандал и дека не прифаќа извинувања.

– Немавме никаква индикација од француските служби за некаква смрт или пак повредено лице од Белгија. Повторно проверивме во недела наутро и натаму немаше индикации за починато или повредено лице, и ме фрапира тоа што немавме никакво барање од некое семејство, рече министерот.

Тој посочи дека полициските и здравствени служби „имаат друга работа“ во вакви тензични моменти од тоа да „проверуваат лажни вести“.

Во овој контекст, министерот размислува за можни правни мерки.

– Мислам дека треба да се размисли, не знам дали обвинителството има средства да преземе, врз основа на овие елементи, судска постапка. Ако има, тогаш веројатно треба да се преземат мерки.

Тој додаде дека треба да се отвори дебата во парламентот.

– Предалеку отиде ширењето на овие информации, посочувам дека беа преземени, со дистанца, од важни информативни медиуми во Белгија.

Министерот вели дека е многу изненаден од лицето кое снимило видео во кое четири минути плаче и жали поради измислената смрт на некоја жена “кога не знаеме воопшто што се случило“, рече Рејндерс.

Протестите на „Жолтите елеци“ уште еднаш го отвораат прашањето на лажните вести кои циркулираат на интернет. Информацијата за лажната смрт на демонстрантката меѓу првите ја преземаа руските медиуми РТ Франција и Спутник Франција, посочија новинарите кои ги следат овие настани.

Би можело да ве интересира

Исчезна Белгиец кој планирал планинарење во реонот на Охрид, Струга и Дебар

Катерина Ѓуровски

Седум лица се уапсени во Белгија поради планирање терористички напад

Вооружен напад во Брисел: Има мртви и ранети

Со солзи, белгискиот премиер Де Кро најави оставка по поразот на европските избори

A1on

Белгија ќе го покрене прашањето за санкции против Израел во ЕУ

Белгија протера руски дипломати

Горан Наумовски