Белгија: Масовен штрајк во образовниот сектор најавен за утре

Од:

Сите франкофонски училишта во Белгија најавија масовен штрајк за утре, како поради владините мерки против пандемијата така и поради целокупната состојба во образованието, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Образовниот систем во Белгија е поделен по јазична основа, утре сите франкофонски училишта најавија протест пред министерството и целосен штрајк, на професорите административниот и техничкиот персонал, но и на учениците, организирани од обединетиот синдикален фронт.

Главен поттик за штрајкот е состојбата во образовниот сектор од почетокот на пандемијата и владините мерки кои постојано се менуваат, оставајќи го образовниот кадар преморен. Во последните месеци се постигнаа рекордни бројки на отсутни наставници и професори кои се приморани да држат физичка настава и се постојано изложени на Ковид-19 и на стрес.

Синдикатите обвинуваат дека властите постојано ги менуваа правилата за присуство и настава од почетокот на кризата, што довело до хаотична состојба во секторот.

Огромна загриженост кај професорите постои и за менталното здравје на нивните ученици, наставниците сведочат за екстремни состојби на тревога и тага кај децата.

Обемот на работа и на стрес не е поткрепен со доволни плати, професијата не се цени, обвинуваат наставниците, кои потсетуваат и дека друга причина за штрајкот се и реформите во образованието. Според синдикалните претставници овие реформи имаат за цел да го направат училиштето поконкурентно на пазарот на трудот без грижа за човечките потреби на персоналот и на учениците.

Најмалку 6000 луѓе се очекуваат пред вратите на министерството утре.

Последните масовни штрајкови и протести во франкофонскиот образовен сектор во Белгија датираат од почетокот на деведесеттите години кога стотици илјади лица излегуваа на улици со месеци.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Исчезна Белгиец кој планирал планинарење во реонот на Охрид, Струга и Дебар

Катерина Ѓуровски

Седум лица се уапсени во Белгија поради планирање терористички напад

Вооружен напад во Брисел: Има мртви и ранети

Со солзи, белгискиот премиер Де Кро најави оставка по поразот на европските избори

A1on

Белгија ќе го покрене прашањето за санкции против Израел во ЕУ

Белгија протера руски дипломати

Горан Наумовски