Белата куќа ги убедува конгресмените да прифатат напад врз Сирија

Од:

Администрацијата на претседателот Барак Обама вчера организираше неколкучасовен брифинг за стотина членови на Конгресот, во кој ги претстави доказите со кои располага за вмешаноста на режимот на сирискиот диктатор Башар ал Асад во нападот со хемиско оружје во близината на Дамаск на 21 август.

Претседателот Обама и државниот секретар Џон Кери, за доказите, рекоа дека се сигурни и не оставаат простор за сомнеж дека бил употребен гасот сарин. Сепак, дел од конгресмените, по брифингот воден од заменикот советник за национална безбедност Тони Блинкен во големата конференциска сала под Конгресот во Вашингтон, се изјаснија дека имаат резерви кон барањето на претседателот Обама за напад врз Сирија.

Главното прашање е начинот на кој е формулирано неговото барање.

– Резолуцијата за одобрување на употреба на воена сила е премногу општа. Сигурен сум дека ќе биде сменета во Сенатот, изјави сенаторот Патрик Лејхи од Вермонт, еден од најблиските сојузници на Обама во Конгресот.

Барањето предвидува Обама да има можност да ги употреби воените сили како што смета дека е потребно за да спречи употреба или пренесување на хемиски оружја или други оружја за масовно уништување, да ги заштити САД и американските сојузници и партнери од вакви оружја.

Обама повеќе пати се заложи дека ќе нареди само воздушен напад, и тоа веројатно без употреба на авиони туку само на ракети лансирани од бродови, со цел да испрати предупредувачка порака до Асад, но не и да го урне неговиот режим од власт. Сепак, овие ветувања на претседателот не се доволни за дел од конгресмените, како сенаторот Лејхи, кои бараат текстот на резолуцијата да биде по-ограничувачки за претседателот.

Од друга страна, значителен дел од републиканските конгресмени бараат претседателот да употреби сериозна воена сила, за да стави крај на граѓанската војна и да го урне Асад од власт.

– Осумдесет проценти од конгресмените кои изразија сомнежи за барањето, сметаа дека со ограничен напад нема да се постигнат јасни резултати и, место тоа, ќе имаме само поголеми последици, изајви Скот Ригел, републикански конгресмен од Вирџинија, по брифингот.

Иако Претставничкиот дом на Конгресот се уште не најави подготвеност да го прекрати летниот одмор, кој трае до 9 септември, дел од конгресмените се враќаат во Вашингтон во очекување на расправа и гласање за барањето кое претседателот го упати во саботата, а дел од нив доаѓаат во Вашингтон за консултации околу Сирија, а потоа се враќаат во своите изборни места.

Преговорите меѓу Конгресот и Белата куќа дополнително се комплицираат со планираното заминување на Обама во посета на Шведска и потоа на самитот Г20 во Русија. Извори во кабинетот на претседателот Обама за медиумите објаснија дека тој, и неговите советници за безбедност, планирале во саботата да најават одлука за напад врз Сирија.

Но, по вечерна прошетка пред Белата куќа заедно со шефот на кабинетот Денис Мекдоног, Обама решил обврската за реагирање против Сирија сепак да ја префрли на Конгресот.

Овој потег предизвика поделени реакции во Вашингтон, при што скоро сите конгресмени ја поздравија одлуката на Обама, но веднаш некои од гласовите кои се сметаа најсигурни во поддршка на воената интервенција, како Џон Мекејн или Бил Нелсон, излегоа со барања мисијата да биде поамбициозна, додека еднакво гласни се и повиците против војна.

Поранешниот водечки советник на Обама Дејвид Акселрод дополнително ги влоши односите на Белата куќа со Конгресот, откако на социјалната мрежа твитер потсмешливо напиша дека Конгресот претходно се однесувал како куче кое трча по автомобил, но сега го стигнало автомобилот и мора да реши што да прави со обврската.

Во меѓувреме, борбената група на носачот на авиони Нимиц, кој требаше да го напушти Персискиот Залив и Арапското Море и да се упати кон Пацификот на пат кон САД, вчера добила наредба да се сврти кон Црвено Море, поблиску до Сирија.

Со тоа, САД веќе имаат два носачи на авиони – покрај Нимиц, во близина на Сирија се наоѓа и борбената група на носачот Хари Труман. Во Средоземно Море се и пет разурнувачи, кои можат да истрелаат вкупно 200 томахок проектили врз цели во Сирија, како и амфибискиот брод Сан Антонио со 300 маринци, а на пат е и Керсарџ, уште еден амфибиски борбен брод. Двата амфибиски брода можат да испратат маринци за напад од море, или за хеликоптерски десант, и честопати служат за спасување на пилоти од соборени авиони.

Би можело да ве интересира

Три лица загинаа во авионска несреќа во САД

(ВИДЕО) Нова драма во САД: Брод удри во мост, се излеа нафта, спасувачките служби го блокираа сообраќајот

Горан Наумовски

Волстрит порасна, но инфлацијата во САД не се намалува

САД се длабоко вознемирени од грузискиот закон за странски агенти

ВИДЕО: Девојче во САД злоставувано до смрт, таткот и маќеата ја држеле врзана во подрум

Катерина Ѓуровски

Израел: Одлуката на Бајден за оружјето испраќа погрешна порака до Хамас