Бегалците преку Хрватска продолжуваат за Унгарија и Словенија до Германија

Од:

Бегалците од Блискиот Исток продолжуваат преку Хрватска да влегуваат на територија на Унгарија и Словенија, додека во Германија се намалува бројот на бегалци кои бараат азил.

Според податоците на хрватското Министерство за внатрешни работи, од 16 септември во Хрватска досега влегле над 25.000 бегалци, а се уште е голем бројот на бегалци на територијата на Товарник, на границата со Србија, каде моментално се наоѓаат околу 3.900 луѓе. Тие во текот на денот со автобуси и возови ќе бидат пренесени на граничните премини со Унгарија.

На граничните премини со Словенија Бреган и Хармица, моментално се наоѓаат околу 700 мигранти кои чекаат за влез во Словенија.

Портпаролката на словенечката полиција Аленка Дреник изјави дека нема поголеми промени во текот на ноќта, откако речиси 1.000 бегалци вчера преминаа во Словенија.

Над 2.000 бегалци досега се пропуштени на словенечка страна на границата со Хрватска или се фатени по илегален премин на границата, откако ги напуштиле центрите за бегалци во Хрватска.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави денеска за „индекс.хр“ дека бегалците кои пристигнуваат од Хрватска засега наидуваат на поволен третман бидејќи Унгарија се уште ја нема завршено оградата долж својата граница , додека оградата со Србија е целосно завршена.

Според Сијарто без ограда, враќањето на бегалците назад во Хрватска ќе предизвика хаос. Над 16.000 бегалци од петокот минале од Хрватска на унгарска територија.

Словенечкиот министер за надворешни работи Карл Ерјавец изјави дека од бранот 2.000 бегалци, што изминатите денови од Хрватска влегле во Словенија, само едно лице побарало азил во земјата.

Според Ерјавец Словенија моментално може да прифати 9.000 бегалци кои илегално влегле во земјата, како и дека Љубљана во случај на нов бран бегалци ќе има потреба од меѓународна финансиска помош и заедничко решение за бегалците.

Австриската полиција започна со одбивање на некои бегалци кои се обидуваат да влезат во земјата преку границата со Словенија. Во текот на ноќта забранет е влез на 100 бегалци на граничниот премин Шентиљ, бидејќи немале соодветни документи и не побарале азил во Словенија, наведува хрватскиот весник „Јутарњи лист“.

Австрискиот канцелар Вернер Фајман денеска изјави дека САД и арапските заливски земји имаат обврска да дадат свој придонес во справувањето со бегалската криза и дека треба финансиски да се поддржат прифатните центри за бегалци.

Германската полиција соопшти дека во спортска сала, што требало да биде уредена за прифатен центар во сојузната држава Баден-Виртенебрг бил подметнат пожар.

Полицијата од градот Хајброн наведува дека немало никој во спортската сала за време на избувнување на пожарот, а поради штетата сега не е можно да се влезе во салата.

Бројот на бегалци што влегуваат во Германија вчера се намали на 1.710 од 1.985 во петокот, покажуваат податоците на полицијата.

Би можело да ве интересира

Гевгеличанец и пакистанец шверцувале Kинези во Македонија

Анита Петровска Рајковиќ

Орбан: Закован е уште еден клинец во ковчегот на Европската унија

Група од 29 мигранти се спасени од брод во близина на брегот на Крит во Средоземното Море

(ВИДЕО) Пресметка меѓу мигрантите и Националната гарда на Тексас кај Ел Пасо

(ВИДЕО) Уапсена е банда која криумчарела мигранти

Бојмацалиев: Намалена илегална миграција за 50 отсто