Басил Фернандо – живот во служба на човековите права

Од:

Веќе со децении Басил Фернандо во Азија се бори за сите тие кои не можат да се бранат сами. За својот ангажман доби Алтернативна Нобелова награда.

Нанда Прасад Абхикари зад себе имал 340 дена штрајк со глад, кога умрел во септември 2014 година. Речиси една година тој и неговата сопруга одбивале да земаат храна. Тоа бил очајнички обид владата на својата земја Непал да ја принудат да го расветлат убиството на нивниот син кој веројатно бил жртва на маостите. Неуспешно. – Откако умрел таткото, владата попуштила и ветила дека ќе го расветли настанот – вели Басил Фернандо, долгогодишен претседател на Азиската комисија за човекови права од Шри Ланка.

Случајот од Непал заврши трагично. Но тој демонстрираше безрезервна подготвеност за барање на правда, објаснува Басил Фернандо за Дојче веле: – Примери на таква одлучност можеме да најдеме секаде во Азија, меѓу сосема обични луѓе кои не сакаат да прифатат не. Тоа инспирира.

Во многу азиски земји, правниот систем лошо функционира и е полн со недостатоци. Тој на пример, наведува Басил, дозволува на службениците своеволно да ги занемаруваат законите и да ги кршат човековите права: – Но, луѓето се спротивставуваат на тоа. Во многу земји можат да се видат такви процеси, барањата за промена на системот се многу гласни.

Комисија за 12 земји

Дека тоа е така е заслуга и на Азиската комисија за човекови права АХРЦ. Оваа организација делува од 1993 година, а Басил Фернандо долго години бил на нејзино чело. Во 2010 година дал оставка на местото претседател на Комисијата, но за неа работи и денес. За својот повеќегодишен ангажман во помош на послабите, е одликуван со Алтернативна Нобелова награда Right Livelihood Award. АХРЦ е активна во 12 азиски земји, на пример во Бангладеш, Камбоџа, Индија, Кина, Јужна Кореја и Индонезија. Благодарение на разни програми и едукативни мерки од кога постои е едуциран голем број на правници и активисти.

Покрај тоа, Комисијата за случаи познати за кршење на човекови права директно се обраќа и на владите, состава т.н. итни жалби и на овој начин се обидува да направи притисок на носителите на одлуките. За Басил Фернандо од централна важност е етаблирањето на новиот став во третманот на кршење на човековите права и поместување на повредите на човековите права во центар на јавната перцепција. Притоа оваа организација води битка на две полиња. – Многу правни системи ги занемаруваат правата на поединците и ги штитат интересите на политичарите. Затоа од една страна се обидуваме да им помогнеме на жртвите. Но, важно ни е и да организираме кампањи за да ја разбрануваме јавноста – вели Фернандо.

Жртва на политичко гонење

Басил Фернандо на сопствена кожа искусил што значи да се биде препуштен на самоволието на некој систем. Во својата татковина Шри Ланка, каде по студиите на право прво работел како наставник по англиски, во 1978 година бил донесен нов Устав кој на претседателот дал практично цела власт. – Во годините кои следеле владата доследно спроведувала стратегија која имала за цел брутално да ги замолчи опозиционерите и да ги ликвидира. Многу недолжни луѓе се убиени – вели овој борец за човекови права и додава дека состојбата во неговата земја во тоа време била многу тензична и нестабилна.

Тој се присетува дека постоеле т.н. листи на смрт од кои никој не бил сигурен. Секој практично можел да оцрни секого. Во 1989 година на една од тие листи се појавило и името на Басил Фернандо. – Листите се проследуваа до тајните служби кои потоа ги ликвидираа обвинетите. Сето тоа беше многу добро организирано.

За среќа Басил Фернандо на време дознал дека лошо му се пишува и побегнал: – Да останев уште неколку дена, можев да ја изгубам главата.

Наместо тоа почнува од почеток. За да се спаси, прво избегал во Хонг Конг каде за ОН работи како советник за бегалци од Виетнам. Потоа доаѓа во Камбоџа, исто така во мисија на ОН. Во 1994 година го презема водството на новооснованата организација АХРЦ со седиште во Хонг Конг.

Случај кој не може да се заборави

Азиската комисија за човекови права во својата 20 годишна историја ангажирала над 1000 случаи. Тоа значи илјадници судбини, илјадници лица, приказни. Но, една приказна посебно го потресла Басил Фернандо. Судбината на Ризана Нафеек, млада жена од неговата татковина, која во Саудиска Арабија била осудена на смрт. Кога Ризана дошла во Саудиска Арабија во 2005 година, за да работи како домашна помошничка, имала само 17 години. Покрај домашните работи морала да се грижи и за бебето на своите работодавци. Еден ден додека го хранела бебето со млеко од шишенце, тоа почнало да повраќа и набрзо потоа умрело.

– Меѓународната истрага подоцна покажала дека немало никакви знаци на насилство и дека до смрт дошло поради проблеми на внатрешните органи – вели Фернандо. Меѓутоа семејството вината ја фрлило на младата помошничка и судот ја уважил тужбата.

Со сите расположливи средства Басил Фернандо и неговите соработници се обидуваат да спречат извршување на смртната казна. Апелираат на владата на Шри Ланка да се заземат за Ризана, стапуваат во контакт со семејството на умреното бебе, обидувајќи се да ги предомислат да го повлечат обвинението, ветувајќи им пари, во само неколку дена успеале да соберат 40.000 американски долари донации, за да може младата жена да најми адвокат. Англиската кралица Елизабета пишува писмо до саудиската влада и ја моли за помилување. Тоа го прави и Европскиот парламент. На крај сите напори биле залудни. Во почетокот на 2013 Ризана беше убиена.

– До денес не растажува фактот дека не можевме да ја спасиме – вели Басил Фернандо:

– Наспроти тоа токму овој случај покажува со колкав мотивациски потенцијал располагаат организациите за човекови права и колкава поддршка можат да мобилизираат.

Поддршката од целиот свет беше огромна, се сеќава Басил Фернандо. И тоа охрабрува, заклучи тој.

Дојче веле – Бон

Би можело да ве интересира

Белоруски, руски и украински активисти добитници на Нобеловата награда за мир

Ана Ололовска

Утре почнува неделата на соопштување на лауреатите на Нобеловите награди

Ана Ололовска

Милион и половина евра од ЕУ за хуманитарни цели во Шри Ланка

Ана Ололовска

Побегнатиот поранешен претседател на Шри Ланка, Раџапакса се врати во татковината

Ана Ололовска

Владата на Шри Ланка бара ограничување на ингеренциите на претседателот

А1он

Протест против владината репресија на Шри Ланка