Американскиот претседател Џо Бајден нема да ја ублажи својата реторика кон Русија, изјави денеска портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.
-Ние нема да седиме, да трпиме и да го тргаме погледот настрана кога руските власти ќе се мешаат во нашите избори, кога ќе одредуваат награди за главите на нашите војници, ние се справуваме со тоа кога тој ќе преземе штетни активности против нашата земја. Значи, претседателот ќе биде директен. Тој ќе преземе чекори кога е потребно. И тој нема да ги ублажи своите зборови или да се воздржи кога е потребно да се каже такво нешто, рече Псаки во телевизиско интервју.
„Таква е дипломатијата“, додаде таа, „изразуваш загриженост таму каде што има причини за тоа и бараш можности за соработка, а со Русија има простор за соработка во областа на неширење на нуклеарното оружје“.
Според проценката на Псаки, рускиот претседател е поотпорен на навреди отколку што би признале неговите соработници.
-Насетувам дека претседателот Путин има подебела кожа отколку што би признале неговите соработници, го изрази своето мислење Псаки само еден ден по скандалозната изјава на Бајден против рускиот претседател.
Коментирајќи ги забелешките на Путин за ропството и расизмот во САД, Псаки призна дека Америка има за што да размислува во таа област.
-Ние во САД можеме да се справиме со саморефлексијата и да признаеме дека треба да сториме многу повеќе за да се спротивставиме на расната неправда и да станеме подобра земја. Ние работиме на тоа, претседателот е посветен на тоа, изјави портпаролката на Белата куќа.
Американскиот претседател во интервју за Еј-Би-Си во средата кажа дека руското раководство ќе мора да ја „плати цената“ во врска со обидите за мешање во изборите во САД, кои и се припишуваат на Москва. Покрај тоа, шефот на Белата куќа потврдно одговори на прашањето дали го смета Путин за „убиец“.
Рускиот лидер Владимир Путин во првата реакција на својот американски колега му посака „добро здравје“, а потоа го покани на јавна дебата.