Аванистанската влада денеска соопшти дека повеќе сака мировните преговори со талибанците да се оддржат во Саудиска Арабија или Турција, а не во Катар, каде бунтовниците во јуни отворија своја канцеларија, пренесе ДПА.
Талибанската канцеларија во Доха го налути авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, затоа што бунтовниците за неа го искористија називот „Исламски емират на Авганистан“ – име што го користеа за време на своето владеење со земјата од 1996 до 2001 година.
– Владата презеде обврска и е подготвена сериозно да ги продолжи мировните преговори со талибанците и ние сме подготвени да почнеме разговори со нив во една од исламските земји во регионот, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи во Кабул, Џанан Мосазал.
Тој се изјасни дека преговорите со талибанците се еден од приоритетите на авганистанската влада.