Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, понуди награда од 20.000 евра за информации што ќе доведат до апсење на убиецот на новинарката од Малта, Дафне Каруана Галиција.
– Ме налути кога слушнав дека малтешката новинарка и блогерка Дафне Каруана Галиција била убиена во близина на нејзината куќа, со бомба поставена под автомобил. Нудам награда од 20.000 евра за информации што ќе доведат до виновниците за нејзината смрт, напиша Асанж на Твитер.
Дафне Каруана Галиција, беше убиена вчера во експлозија на бомба поставена под нејзиниот автомобил. Таа пишуваше за корупцијата, а во последните две години се фокусираше на откривањето на таканаречените „панамски документи“, односно 11,5 милиони документи кои протекоа од внатрешната база на податоци на четвртата најголема оф шор правна фирма во светот „Мосак Фонсека“.