Премиерот на Шри Ланка денеска ја напушти својата официјална резиденција во Коломбо, откако во неколку наврати армијата беше приморана да интервенира за да спречи насилен упад на антивладини демонстранти во комплексот.
Полицијата пукала предупредувачки истрели и употребила солзавец за да ги одврати демонстрантите од намерата да влезат во резиденцијата на премиерот.
Во немирите низ Коломбо целосно се опожарени повеќе од 70 станбени објекти, канцеларии, како и 150 автомобили на поранешни министри и пратеници на владејачкиот Народен фронт на Шри Ланка.
Премиерот Махинда Раџапакса вчера поднесе оставка на функцијата откако дојде до судири меѓу приврзаниците на владејачката партија Народен фронт на Шри Ланка (SLPP) со демонстрантите во Коломбо.
Демонстрантите повеќе од еден месец кампуваа пред канцеларијата на претседателот на државата Готабаја Раџапакса, барајќи негова, како и оставка на неговиот брат од премиерската функција.
Нападите врз антивладините демонстранти предизвикаа одиум на огорченост кај јавноста против владејачките политичари на SLPP и нивните поддржувачи, проследен со напади врз резиденцијални и деловни објекти и возила.
Според податоци на полицијата, од ескалацијата на насилствата вчера досега во немирите има шест жртви, а повеќе од двеста повредени.
Министерството за одбрана прогласи полициски час, а пратениците денеска треба да гласаат по изборот на нов премиер и составот на неговиот кабинет.
Шри Ланка е островска држава со околу 22 милиони жители, чие стопанство се соочува со криза и недостиг од гориво, храна и лекови. Властите во земјата се обидуваат преку нов договор со ММФ и дополнителна финансиска помош од Индија и Кина да ги реструктуираат огромните задолжувања на државата.
Извор: МИА