Високиот комесар на Обединетите нации за бегалци Филипо Гранди ги повика денеска европските земји да прекинат со блокадата на бродовите што спасуваат мигранти во Средоземното Море и да постигнат договор за регионално решение за прифаќање на овие пловила.
Гранди ја поздрави вчерашната одлука на Малта да дозволи пристап до нејзино пристаниште на хуманитарниот брод „Аквариус“, кој од петокот пловеше низ водите на Средоземното Море со 141 спасени мигранти.
Малта се согласи да го прими бродот откако беше постигнат договор за прераспределба на мигрантите меѓу пет држви членки на ЕУ.
Поздравувајќи ја одлуката на Малта, Гранди оцени дека воопшто не смеело да се дозволи да се дојде до ваква ситуација.
– Неприфатливо, опасно и неморално е хуманитарните бродови да се принудуваат да пловат низ Средоземното Море, додека владите спорат за тоа кој да ја преземе крајната одговорност, оцени Гранди.
Согласно меѓународното поморско право на брод со спасени бродоломци треба да му се дозволи пристап во најблиското безбедно пристаниште.
До неодамна сите мигранти кои беа спасувани во водите на централниот дел на Медитеранот завршуваа на италијанска територија, бидејќи во Италија се наоѓаа „најблиските безбедни пристаништа“.
Меѓутоа новата десничарска Влада на Италија реши да им забрани пристап на хуманитарните бродови со мигранти во пристаништата во Италија, со што се јавија проблемите како овој во случајот со бродот „Аквариус“.