Владите ширум целиот свет не ги исполнија своите обврски за заштита на правата на припадниците на ЛГБТИ популацијата и воедно и натаму продолжуваат да ја толерираат хомофобијата, соопшти денеска организацијата за заштита на човековите права „Амнести Интернешанл“.
– Парадите на гордоста се попречувани со забрани и жестоки напади врз учесниците, нешто што не смее да продолжи. Дискриминацијата и ускратувањето на правата на ЛГБТИ популацијата (лезбејки, хомосексуалци, бисексуалци, транссексуалци и интерсексуалци) се присутни насекаде во светот, се истакнува во соопштението објавено по повод 17 мај – Меѓународниот ден на борба против хомофобијата и трансфобијата.
Во соопштението се наведува дека во многу земји, кај властите не постои волја за борба против ваквите форми на омраза, а некои влади дури и ги охрабруваат и поттикнуваат преку воведување на закони и прописи со кои се скратуваат правата на припадниците на ЛГБТИ популацијата, што е во спротивност со меѓународните обврски.
– Секој треба да може да ужива во своите човекови права без дискриминација, независно од неговата сексуална ориентација, се истакнува во соопштението и се додава дека припадниците на ЛГБТИ популацијата честопати се цел на напади и насилства, што полицијата ги забошотува или недетално ги испитува.
„Амнести Интернешанл“ наведува дека оваа година нејзиното внимание ќе биде насочено кон неколку земји каде што се потребни итни промени кога станува збор за правата на припадниците на ЛГБТИ популацијата, меѓу кои се Камерун, Хаити, Русија, Србија, Уганда и Украина.
– Парадите на гордоста во текот на 70-тие години на минатииот век беа од клучно значење за мобилизацијата на ЛГБТИ популациајта против хомофобијата, трансфобијата и дискриминацијата и придонесоа за изградба на мостови кон општеството и за испраќање пораки до властите дека тие имаат одговорност за обезбедување на правата на сите луѓе, се истакнува на крајот од соопштението.